Шпанскиот писател Франсеск Миралјес вечерва во 19 часот ќе гостува во Културниот центар „Лабораториум“ во Скопје. Организатор на неговата посета е Издавачкиот центар ТРИ, кој е издавач на неговите популарни дела „Икигаи“, „Намасте“ и „Ичиго-ичие“. Овие дела се продадени во неколку милиони примероци низ целиот свет.
Читателите ќе имаат можност да се сретнат со човекот кој истражувајќи за своите
книги, истражи многу за себеси и допре до тајните на источните мудрости, а важи за едно
од најчесто споменуваните имиња низ книжарниците на ТРИ. Влезот е отворен.
Миралјес, кој е писател, новинар, пијанист и вечен патник и трагач по вистини, неодамна
го читавме во „Намасте“. Па така, на оваа средба ќе ги чуеме неговите впечатоци и
искуства од Индија, древната лулка на цивилизацијата, но исто така и од Јапонија, од
каде што ја извлече тајната на долговечноста, како и од секоја друга точка на планетата
што го поттикнува да истражува и да создава. Неговите согледувања и директното
пренесување на дел од различните источни културни практики ткаат еден необичен
книжевен мозаик, што му помага на современиот читател олеснето да издише и одново да се исполни со енергија и животен елан.
Миралјес досега има објавено неколку романи и книги од областа на филозофијата на
живеењето, а од нив „Намасте“, „Ичиго-ичие“, „Ваби-саби“, „Икигаи“, „Посакувам да си
тука“, „Барселона блуз“ и „Љубов со мали букви“ ги читавме во превод на ТРИ.





