Ретроспектива на Анета Светиева, една од највпечатливите македонски современи скулпторки

Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една поширока платформа која ги преминува границите на регионот, велат кураторките

Ретроспективната изложба на творештвото на Анета Светиева, една од највпечатливите македонски современи скулпторки, ќе биде отворена утревечер во 20 часот, во Даут-пашиниот амам во Старата скопска чаршија. Изложбата е дел од програмата на Националната галерија за сеопфатно презентирање на македонските современи уметници кои ја креираа нашата ликовна сцена. Куратор на проектот е Викторија Васева-Димеска, историчарка на уметност, во соработка со д-р Ана Франговска, кустос-советник, Маја Неделкоска-Брзанова, кустос-советник и Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос.

Тие велат дека сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една поширока платформа која ги преминува границите на регионот. Ви го пренесуваме нивниот кураторски текст во целина:

„На почетокот на седумдесеттите, поинаквите видувања не само на формата, на појавниот облик, туку и на некои суштински прашања во однос кон делото, беа причина критиката да ги дефинира скулптурите на Анета Светиева (веќе во нејзините првични настапи) како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, вон од тогашните вообичаени јазички модели. Тие блескави мигови вон од општите стилски движења и веќе контурирани шеми, создаде еден индивидуален пробив во скулпторската материја. Нејзиниот самостоен пластички исказ кој се наметна со силината на автентичноста надвор од главните актуелни текови, го иницира внатрешното битие на делото, неговата вибрација што реагира на живиот дух на времето како знак на современоста. Внатрешните диктати се генерирани од изворите на нејзиниот интерес за етносот, фолклорот и печената земја како исконските артефакти, како прилози на делување на еманципираниот човечки дух. Нејзиното творештво е во темелен дијалог со етнолошката ризница и обичаите на Балканот и пошироко, врз коишто ги гради сопствените митолошки пејзажи и ги воскреснува колективните митови до степен на универзалното.

Во нејзините форми, материјализираната идеа се наметнува со убедливо сведоштво за густо, слоевито преплетување на уметноста на сегашниот миг и оние слоеви кои можат да се разбудат во секој творец. Тој спој е кај Светиева реализиран и нагласен и во него е содржан и одговорот на круцијалното прашање за потеклото и слоевитото значење на нејзиното дело. Во каталогот за изложбата во Белград, 1984, Светиева кажува:,Моите размислувања, некој флуид … и порано, веќе во првите чекори, беа насочени кон овој свет на митот како автохтоност, автентичност, како мој идентитет искажан со синтагми, со секвенци од разновидните области и начини на сфаќањето на животот на мојот народ, на мојата почва и поднебје. Се е поврзано на некој начин.‘

Анета Светиева

Сугестивните акценти – контурите, цртите на лицето, еротските и метафоричките индикации, ироничните белешки, цинизмот, симболиката и енергијата, страста на допирот, внатрешната напнатост, сетилноста, љубопитноста и играта, истражувачко-експерименталниот порив, задоволството во создавањето … го прават инвентарот на средствата во интеракцијата на погледот и допирот, на обликот, бојата, вдлабнатините и засекувањата, во енергијата која сака да избие. Тие зборуваат за најдлабоките човечки страдања и стравови и за елементарните животни задоволства и радости, за љубовта, но и за насилството и за смртта, за обидот да се надвладее стравот, ги отвораат вратите кон она другото, непознатото и никогаш разбрано до крај. Во нив се чувствува некој жив дух кој таинствено лебди над формите и облиците, над линиите, засекувањата, тактилните траги на прстите што обликуваат стварност по себе. Свртена кон оние теми и вредности што одамна, со векови, биле присутни во живите преданија, во живата фантазија на македонскиот народ, воспостави една магична синтеза меѓу поетиката на руралното и урбаното, на минатото и сегашното, а со тоа го создаде и богатството на нејзината визуелна нарација. Нејзините дела не се искинат фрагмент од светот, туку затворен универзум кој опфаќа една животна зона, еден чист круг кој во себе го содржи сето она што може да постои и надвор од него.

Во наречниците, капачките, обележјата, реките … во Еросот и Танатосот, во Двојниците … не е тешко да се препознаат архетипските слики на стравот, неизвесноста, очекувањата … кои од дамнешни времиња го следат човекот, немоќен да се разбере себеси во светот и да ги објасни силите на природата и на универзумот. Од тие архетипски форми, напластени во сложените слоеви на колективното несвесно, се ослободува тензична, набиена и набабрена психичка енергија која пробива во свеста секогаш кога егото е загрозено, кога доаѓа до нерешливиот конфликт меѓу човекот и опкружувањето. Сите нејзини дела содржат сопствена тајна во судирот меѓу животот и смртта кој прерасна во повисок симбол на нејзината уметност. За неа животот не е оптимистичка егзалтација, како што ни смртта не е светска трагедија; всушност, разликата е мала, речиси безначајна, тоа е судир без победник … Скулптурата на Светиева е оригинална и во најголема мера осамена појава. Може со сигурност да се каже дека севкупното нејзино творештво е создадено во, денес, една заборавена категорија на инстинктивна, ослободена потреба за создавање која не може да се верифицира со вообичаените важечки стандарди за оваа област на уметничкото дејствување.

Во сликањето на животот, на човековите траги во времето и во просторот, ја покажа својата голема дарба: од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата … создаде импозантно уметничко дело чие кажување ве принудува да го слушнете ехото на враќањето кон волшебните светови, кон темелните вредности, и пред нас се појавува едно големо, заокружено и целосно дело, комплетен уметнички одраз на времето.“

Анета Светиева е родена во Битола 1944 година. Академија за ликовни уметности (1968) и постдипломски студии (1971) година, завршила во Белград. Во периодот 1965 – 1971, за иновативноста и специфичниот ликовен израз, добива три престижни студентски награди, а потоа и награда на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Во 1974 година се враќа во Македонија. Од 1977 година работи во Институтот за фолклор, 1988 докторира на Филозофскиот факултет во Белград на одделот за етнологија. Во 1990 година се вработува во Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што, во 1995 година станува редовен професор. Нејзините учества на значајните меѓународни ликовни манифестации, секогаш се проследени со посебно внимание од критиката, како што е случај и со презентацијата на Биеналето за ликовни уметности во Венеција 1997 година, каде што е забележана како автор со специфичен, поинаков пристап во обликувањето на автентично и автохтоно дело надвор од трендовските обележја.

Сподели