„Во дослух со Шопов“ на Денови на поезијата во Скопје

Со стихови од Григор Прличев и Константин Миладинов, Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Гого Ивановски, Игор Исаковски, Абдулазис Ислами, Славко Јаневски, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Георги Сталев и Лилјана Чаловска беше отворено 2. издание на Деновите на поезијата што ги организира фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и „Скопје сити мол“. Свеченото отворање го водеше Никола Ристановски, кој посочи на една од идеите водилики на оваа манифестација е да им се даде збор на сите генерации македонски поети, од втемелувачите до најмладите. Тој читаше извадоци од „Сердарот“ на Григор Прличев и ги најави браќата Миладиновци и нивниот „Зборник“.

Директорката на Институтот за македонска литература, Наташа Аврамовска се осврна и на јубилеите врзани со македонската азбука и јазик кој нагласи дека Деновите на поезијата се задача, мисија и повик за преоткривање на светот на поезијата во изнаоѓање нови алтернативни начини на нејзина промоција.

– Годинава го чествуваме пргавиот дух на галичанецот Ѓоргија Пулевски кој пред 1,5 век го објави својот тријазичен речник во којшто македонската лексика се јавува напоредно со албанската и турската, а пет години подоцна се појави и како автор на првата македонска граматика – рече Аврамовска.

Таа зборуваше и за „Абецедарот“ објавен во Атина пред 100 години со намена да го користи македонското национално малцинство во Грција, за „докторската дисертација на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг со што особеностите на македонскиот јазик како предмет на научно проследување стекнуваа легитимитет и на највисоко академско рамниште во рамките на европската наука за јазикот“ уште пред 135 години, како и за 80-годишнината од кодификацијата на стандардниот македонски јазик.

Поезијата на Ацо Шопов беше претставена во огледало со поезијата на Леополд Седар Сенгор. Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов го изведоа перформансот „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки“ според сценариото на Јасмина Шопова.

Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја најави средбата со современите македонски поети, членови на ПЕН центарот и добитници на наградата „Ацо Шопов“, која ќе се одржи денеска под наслов „Во дослух со Шопов“. Ќе учествуваат петмина современи поети: Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан и Иван Џепаровски. Денеска ќе се одржи и разговорот тема „Македонско-грчки поетски координати“. Сотирис Минас од Атина и Иван Антоновски ќе разговараат за мостовите кои преку поезијата „се градат меѓу нашите две култури и нашите два народа“, рече Мартиновски.

Сподели