Ретро-игранки за повозрасните во домови за стари лица низ Македонија

Во рамките на карванот „Да ги слушнеме и гушнеме“, предновогодишни игранки за повозрасните ќе се одржат во неколку македонски градови. Вечерашниот термин е предвиден за корисниците на домот за стари лица „Софија“ во Битола, каде што ќе гостува и еден од најдобрите вокали на македонската сцена, Блага Петреска:

– Почестена сум што во овој претпразничен период ќе бидам дел од една ваква програма, со ваква прекрасна публика. Овој декември ќе се забавуваме со повозрасната популација. Тие и најмногу ги знаат и паметат моите песни. Мислам дека ќе можеме сите заедно да се расположиме и да запееме. Благодарна сум и ќе дадам сè од себе да создадеме една убава атмосфера, да се забавуваме и да се потсетиме на старите времиња – вели доајенот на македонската естрада Блага Петреска.

Целта на оваа активност од кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ на „Халкбанк“ е да им се даде важност на повозрасните. Според Маја Наумовска-Савеска од „Халкбанк“ АД Скопје, организатори на големата кампања, тие со задоволство вклучиле и предновогодошни активности наменети за повозрасните и лицата кои живеат во некои од домовите за стари лица во Македонија.

– Ова е време кога сите се собираме и славиме во празнична атмосфера. Наша мисија е да ја поткренеме забавната атмосфера и во домовите и во здруженијата на пензионери и веруваме дека пријатно ќе ги изненадиме луѓето со културно-уметничките содржини и музичкиот перформанс на госпоѓа Петреска – вели Наумовска-Савеска.

Игранките се замислени како мал времеплов, со ретро музика, закуска и сценографија како визуелна реплика на минатото. Следната дестинација е домот за стари лица „Жана“ од Неготино, чии корисници изминатиот период беа вклучени и во изработка на прекрасни картички со инспиративни совети за сите млади луѓе.

Општествено-одговорната кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“ до крајот на годината, освен игранките, предвидува и уште неколку филмски проекции во различни општини, како и специјално списание за пошироката публика. Кампањата интегрално се одвива и на социјалните медиуми, како и на специјално креираната веб-платформа www.cuvarinamudrosta.mk.

Сподели