На младинските центри им треба видливост – дебата на Филозофски факултет

Младинската работа е една од тематските области на Националната стратегија за млади 2023-2027 која е во подготовка. Ова беше повод за средбата на претставици од Сојузот за младинска работа во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Филозофски факултет, за унапредување на разбирањето за значењето и начинот на имплементацијата на стратегијата на локално и национално ниво. На состанокот присуствуваа претставници од сите институции, национални претставнички тела на младите, меѓународни организации и фондации, претставници од амбасади и претставници од општини.

Проф. Д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во поздравниот говор го изрази своето задоволство за тоа дека токму во соработка со Филозофски факултет ќе бидат отворени првите постдиполомските студии за младински работници во нашата држава кои се очекува да започнат со настава во септември 2023 година.

 

Според Ѓорѓи Тасев, соработник на претседателот на Владата за млади и младински политики ја нагласи важноста на меѓусекторската соработка во процесите за препознавање и признавање на младинската работа. Тој истакна дека во последните неколку години во нашата земја е постигнат голем напредок, а тоа сè повеќе е препознаено и на европско ниво. Тој се надева дека во текот на 2023 година ќе се започне и со работа на Законот за младинска работа.

Стефан Степаноски од Агенцијата за млади и спорт зборуваше за нивната вклученост преку во изработката на Правилникот за стандарди за квалитет на младинските центри и за поддршката со опрема на досега три од четирите отворени младински центри според Законот за младинско учество и младински политики.

Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа изјави:
– Важно е што сме собрани сите и што дискутираме за овој процес. Прв пат градиме систем за младинска работа на локално ниво и мораме заеднички да поставиме инфраструктура која е одржлива. Потребни се финансии и координација за да имаме успешна имплементација. За досегашните постигнувања сме препознаени на европско ниво. Нашата држава е една од ретките земји во нашиот регион која ќе има студии за младински работници, единствено во Хрватска од регионот засега има студии за млади – вели Атанасов.

Претставниците од Сојузот за младинска работа споделија повеќе детали за тековната состојба со младинските центри кои постојат или треба да се основаат според Законот за младинско учество и младински политики. Атанасов рече дека во моментот во Македонија се отворени четири младински центри (според ЗМУМП) – во Кавадарци, Куманово, Велес и во Охрид, а два младински центра се во процедура – во Пробиштип и Битола.

– Во 2022 година за работата на младинските центри вкупно биле издвоени 2.600.000 денари (42 илјади евра), а во нив работат вкупно 10 лица – вели Атанасов.

Драгана Митровиќ од СМР истакна дека често се среќаваат со неразбирање на значењето на младинската работа, младинските центри. Ивана Стојчевска од младинскиот центар „Мулти-култи“ од Куманово вели дека посетеноста на младинскиот центар е многу голема.

– Годинава поминале околу 500 нови млади низ програмата, но сметам дека може да биде уште поголема. Кога би имале поголема финансиска поддршка од општината би можеле да организираме уште повеќе активности и да привлечеме уште повеќе млади – вели Стојчевска.

Таа додаде дека нема вмрежување помеѓу младинските работници од центрите и е потребно да се зголеми нивната видливост. Бидејќи работат во мултикултурен град, како предизвик ја гледаат и застапеноста на албанците во обуките за работници со млади и развивање на материјали за учење и на албански јазик.

Во рамки на дискусијата од страна на претставниците од општините беше предложено да се зголемат и средствата за поддршка на овие центри од страна на Агенцијата за млади и спорт. Од страна на претставниците на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност присутните беа поттикнати да аплицираат за поддшка преку Еразмус програмата во Клучната Акција 2.