„Реминисценции“ на Страхил Петровски во Париз: Дела што пеат индустриски и прогресивен рок

„Реминисценции“ е насловот на изложбата од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски што ќе биде отворена од 4 до 14 јуни во Abstract Project Gallery во Париз. Тој ќе се претстави со серија дела работени во изминатата година (слики и дела на хартија работени во комбинирана техника и поставени како просторна инсталација.

Ова е само една од меѓународните активности на Петровски во наредниот месец. Од 21 до 26 јуни ќе учествува на AIRowad International art Symposium 2025 во градот Ирбид во Јордан. Тој ќе биде единствен претставник од Македонија, а ќе патува по покана од Министерство за култура на Јордан.

Според Сандра Деспотовиќ, кустос и историчар на уметност, изложбата „Реминисценции“ ја означува најновата ера во креативните дела на Страхил Петровски, ера на големи индустриски хартии (530×83см.) и слики со помали димензии работени во комбинирана техника на платно кои одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор.

Страхил Петровски

– Три бои, бои кои не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ја красат индустриската хартија и сликите на платно. Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ’рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината. Кога гледаме – кога навистина ги гледаме/перципираме или „слушаме“ делата на Петровски, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок. Мелодијата на светлината и празнината, изразена преку трансценденталните звуци на бендови како Tool, Nine Inch Nails и Joy Division, открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето. Во апстрактни форми, човекот бара признание – фигура, себеси и/или нешто слично на себе … – пишува Деспотовиќ.

Таа додава дека делата – индустриските хартии и сликите на платно и видео инсталациите (во некои негови претходни визуелни остварувања) на Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност. Затоа во фрагментацијата, уметникот бара ново единство, ако е воопшто можно – по разорната фрактура на дваесеттиот век. Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста.

Петровски (1974, Куманово) дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на професорот Родољуб Анастасов. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник-демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај професорите Момчило Петровски и Вело Ташовски на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на Момчило Петровски, на ФЛУ. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник-конзерватор реставратор во Националниот конзерваторски центар и како доцент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје. Од 2024 година е советник-конзерватор реставратор во Музејот на македонската борба за самостојност. Истата година е избран за вонреден професор на Факултетот за арт и дизајн.

Реализирал триесетина самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувал на стотина групни претставувања, ликовни колонии, симпозиуми и семинари. Добитник е на многу награди и признанија.

Сподели