Семејството на култниот режисер Кирил Ценевски донираше негови награди и признанија на Кинотеката

Семејството на режисерот Кирил Ценевски (1943-2019) ги донираше на Кинотеката на Македонија дел од наградите и признанијата што режисерот ги добил во текот на својата извонредна авторска кариера. Тие се изложени во фоајето до киносалата на Кинотеката, блиску до филмот и публиката.

Посетителите на Кинотеката ќе имаат можност да ги видат следниве награди и признанија:

„Златна арена“ за режија добиена на Филмскиот фестивал во Пула (1971);
„Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на Меѓународниот филмски фестивал во Москва (1971);
Признание од Американската академија за филмски уметности и науки, Лос Анџелес, САД, за „Црно семе“ – југословенски кандидат за Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје (1972);
Специјална награда од жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари за филмот „Јад“ (1976);
Награда C.I.D.A.L.C. од Меѓународниот комитет за промоција на уметноста и книжевноста преку филм, доделена за филмот „Оловна бригада“ (1980);
Двете признанија кои Ценевски ги доби за животно дело – „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, доделен од Кинотека на Македонија во 2013 година и прв добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, од Друштвото на филмските работници на Македонија, доделена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Битола во 2013 година.
Кирил Ценевски, македонски режисер и сценарист, е еден од најнаградуваните филмски автори во историјата на домашната кинематографија. Студирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а со киноаматеризам се занимавал уште во студентските денови. Во 1983 година завршува постдипломски студии на Универзитетот „Јужна Калифорнија“ на Факултетот за филм и телевизија, Лос Анџелес, САД (University of Southern California – School of Cinema and Television).

Прв пат професионално е ангажиран на игран филм како асистент на режија во филмот „Цената на градот“, (Љубиша Георгиевски, 1970), а веќе со својот прв игран филм „Црно семе“, (1971) го привлекува вниманието на критиката и филмската јавност. Следуваат играните филмови „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), документарните филмови „Џафра“ (1978) и „Хуаскаран – Анди’82“ (1984), како и поетските портрети на добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, Леополд Седар Сенгор, Фазил Хисни Дагларџа, Еугенио Монтале, Рафаел Алберти и Ежен Гилвик, реализирани помеѓу 1975 и 1979 година.

Сподели