Реформската агенда и Берлинскиот процес во фокусот на панел-дискусијата во Собранието

Во македонското Собрание денеска во 10 часот ќе се одржи панел-дискусија на тема „Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: Улогата на Парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети“. Настанот го организира Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје (ИДСЦС) во соработка со Комисијата за европски прашања и Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и реформската агенда, во рамките на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда во Република Северна Македонија“, финансиски подржан од Фондација Отворено општество – Западен Балкан.
Поздравни обраќања на отворањето ќе имаат Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања и претседавач со Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлински процес и Реформската агенда, Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
Настанот ќе опфати и две панел-дискусии, Берлинскиот процес по Лондон 2025 – следни чекори за парламентарната димензија и Реформскиот пат кон ЕУ – институции, имплементација и препораки.

Сподели