Рефлексиите на едно време во „Париски импресии 3“

Третата изложба „Париски рефлексии“ од вчера е отворена во Чифте амам во Скопје. Во третото издание на „Париски рефлексии“ се претставени дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој во Cite des Arts во Париз, дел како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“, но и преку специјализации и дополнување на образованието, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз. На отворањето се обратија Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.

– Навистина сум среќен што сум со вас денес, за отворањето на овој трет дел од овој проект што го нарековме „Париски рефлексии“ , а кој го започнавме пред две години. Оваа оригинална идеја ни дојде во 2021 година благодарение на вас, госпоѓо директорка, кога за прв пат ме пречекавте во Националната галерија, во Даут-пашиниот амам и ме запознавте со богатството на вашата постојана колекција. Сликарството на големите македонски мајстори на 20 век очигледно беше проткаено со Париската школа и главните текови на модерната уметност. Оваа исклучителна колекција со која располага Националната галерија и француското влијание врз неа, ни се чинеше дека заслужуваат да бидеме вреднувани како таква. Тука се роди идејата за оваа изложба – истакна Бомгартнер.

Во оваа селекција се вклучени авторите кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив во нивната творечка дејност едуцираат и генерации млади уметници како професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари), Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).

Преку претставените дела се чувствуваат рефлексиите на едно време, особено во доменот на пренесување на влијанијата на двете навидум спротивставени оски – апстрактната уметност и фигуративната. Легатот на интернационалната Париска школа, го чувствуваме и до денешно време, особено преку престојот на огромен број македонски уметници од сите генерации во Cite des Arts, бидејќи уметноста се уште ги зближува луѓето физички – во галериите, музеите, простори за изведба – и културно, што сведочи за силните пријателски врски кои инспирираат размислување и формирање врски од минатото, сегашноста и иднината…

Првиот дел на „Париски рефлексии“ од 2022 година и вториот дел од „Париски рефлексии“ од минатата 2023 година беа претставени во истиот овој простор. Поводот за овој настан е одбележувањето на Деновите на франкофонијата, традиционална манифестација на соработка која нуди можност на континуитет на културно вмрежување меѓу двете земји и проткајување на пријателските односи. Како резултат на оваа соработка, и соработката со другите културни установи, селекцијата од првите две изданија, во ноември 2023, беше претставена во Офицерскиот дом во Битола. Во организацијата за гостувањето на „Париски рефлексии 1 и 2“ во градот на конзулите беа вклучени Францускиот конзулат и Француската алијанса. Најавуваме дека и третиот циклус ќе гостува во Битола, во 2024 година.

„Париски рефлексии 1“ ги претстави основоположниците на македонската модерна, односно современа мисла кои дел од своето творештво го дефинирале преку студиски престои и специјализации во центарот на уметноста – Париз, односно во интернационалната заедница означена под синтагмата Париска школа. Тоа беа изложени македонските уметници: Мартиноски, Личеноски, Пандилов Аврамовски, Владимирски, Лазески, Стефанова, Тодоровски, Коцо и Стефанова.

Вториот дел од „Париски рефлексии“ се однесуваше на втората генерација автори родени до 1930 година, кои се вклучиле во дефинирањето на ликовната сцена кај нас по Втората светска војна, во 6та и делумно 7та деценија на 20 век: Вангел Коџоман, Поповиќ – Цицо, Траиковски, Кондовски, Шијак, Мазев, Куновски, Петлевски, Велков, Корубин, Ивковиќ, Лозаноски, Ѓорѓиевски, Јанчевски и автодидактот Наумовски, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија.

Сподели