Никола Маџиров и Ивана Јовановска учесници на Саемот во Лајпциг

Поетите Никола Маџиров и Ивана Јовановска денеска во 15 часот ќе бидат учесници на Саемот на книга во Лајпциг, Германија. Тие ќе бидат дел од настанот „Поезија за неприпаѓањето. Лирски импресии од Северна Македонија“.

„Наградуваниот поет Никола Маџиров ни ја претставува младата македонска поетеса Ивана Јовановска, чии дела се меѓу највозбудливите од она што го нуди современата македонска книжевна сцена. Маџиров ќе го претстави неговиот текст „Крв и поезија на неприпаѓањето кој неодамна беше објавен во списанието за литература и култура ‘Sinn und Form’“, пишува во објавата на Европската мрежа за литература и книги ТРАДУКИ.

Разговорот со двјацата поети ќе го води Ерик Мар, а присутните ќе можат да слушнат стихови на авторите на македонски и на германски јазик.

Никола Маџиров е етаблиран македонски автор. Има објавувано песни, есеи и преводи и е еден од координаторите на меѓународната мрежа „Lyrikline“. Италијанскиот композитор Анџело Инглезе и американскиот џез музичар Оливер Лејк имаат создадено композиции според негови песни. Маџиров е добитник на наградата Хуберт Бурда за неговиот том поезија „Преместен камен“ како и на бројни други меѓународни награди и стипендии.

Ивана Јовановска е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Таа има учествувано на бројни поетски читања, а нејзините песни покрај на други се објавени и во грчкото списание за литература „Тeflon“ и книжевното списание „Современост“. До денес има објавено две стихозбирки, „На ракавот на градот“ (2021) и „Номадски затвори“ (2023).

Саемот на книга во Лајпциг е вториот по големина во Германија, по тој во Франкфурт кој е најголема манифестација од ваков вид во светот. Саемот ќе трае до утре.

Сподели