Пишува: д-р Гоце Наумов, археолог, национален координатор на изложбата „Првите кралеви на Европа“ во САД и Канада
Очигледно постојат тенденции да се девалвира успехот на меѓународната изложба „The First Kings of Europe“ која беше изложена во САД и во Канада. Сметав дека не е достојно да влезам во постоечка препирка меѓу два македонски музеја во кои не работам, но со кои ми е задоволство да соработувам. Меѓутоа во јавна реакција на едниот од нив, беше неосновано спомнато и моето име во погрешен контекст, така што неопходно е да ги појаснам работите онака како што сум учен, научно и со аргументи.
Едниот музеј го обвинува другиот за работа која што и тој ја прави (и тоа во многу поголема мера), а притоа и мене (не)намерно ме ставаат во нивната неетична папазјанија. Затоа, во продолжение ќе ги елаборирам аргументите кои единствено се однесуваат на колегите од Археолошкиот музеј на Македонија коишто ја иницирале јавната реакција, но не и на повеќето колеги и раководството на овој наш еминентен музеј.
Завод и музеј – Битола (ЗМБ) неодамна организираше двочасовен настан со кој имаше намера да го истакне враќањето на македонските предмети од тригодишната меѓународна изложба „The First Kings of Europe“, а со тоа и да го акцентира нејзиното значење. При овој настан употребена е илустрација за која Археолошкиот музеј на Македонија (АММ) основано тврди дека подлежи на авторство, при што се упатува на изложбата и каталогот „Статусни симболи кај пајонските заедници“ во авторство на Александра Папазовска и Бобан Хусеновски.

Токму со ова публикувано дело овие автори го прават истото она за што го обвинуваат ЗМБ, а што воедно има многу поголеми последици. Во горенаведената публикација, на страница 41 вклучуваат илустрации на наоди од Атина и Сопрон коишто не се нивни, а притоа не ги наведуваат изворите на преземање, ниту пак авторите на илустрациите. Но, на истата таа страница, тие го наведуваат нивното авторство на цртежот на култната палка. Тие дури и ја модифицираат оригиналната фотографија на артефактот од Атина, ставајќи врз неа кропиран детал, така што го прават токму истото она за кое обвинуваат. Повеќе од очигледно е дека тие не ги почитуваат авторските права, за што му забележуваат на ЗМБ, и тоа во публикација која останува траен комерцијален продукт, за разлика од банер кој ЗМБ го изложил два часа.
За волја на вистината, овие двајца автори кои ги иницираа реакциите против злоупотреба на авторството, истото ова „позајмување“ на илустрации без истакнување на извор, го прават во повеќе нивни засебни трудови. Во само 4 нивни труда меѓу повеќето други, тие имаат „позајмено“ дури 37 илустрации од разни извори без притоа истите да се посочат. Овие трудови се објавени во странски зборници и списанија (меѓу другите, Nova Аntička Duklja бр. V или Archaic Pottery of the Northern Aegean and its Periphery), а во кои се злоупотребени повеќе цртежи и фотографии од македонски археолози. Притоа не се присутни легенди или листа на илустрации каде што е истакнато нивното име или институции, а уште помалку изворот во кого тие се оригинално објавени. Прашање е дали нашите оштетени колеги се свесни за злоупотребата на нивните дела и како тие би реагирале т.е. дали на истиот начин како горенаведените автори.
Исто така, АММ објавува списание „Зборник на АММ“, каде еден од авторите е главен уредник и во кого претежно објавуваат колеги од АММ. Во еден од тие трудови во бројот 15 на ова списание, употребени се дури 29 туѓи илустрации со предисториски артефакти од источните делови на Европа (стр. 74-79). За ниту една од нив не е наведен изворот, ниту пак авторот. Во овој случај, на главниот уредник на Зборникот не му пречи што колега од соседната канцеларија злоупотребува 29 туѓи илустрации во печатено списание, а реагира кога ЗМБ користи една нивна илустрација и тоа во двочасовен настан. Ова може да се окарактеризира како еден од најдобрите примери на онаа народната: за едни мајка, за други маќеа.
Не би одел во други детали каде што АММ во својот изложбен простор користи фотографии од други музеи, изложува копии без назнака дека се копии или погрешно именува и датира локалитети од каде што потекнуваат одредени изложени артефакти. Како што истакнав, оваа моја реакција не е насочена кон овој музеј, туку кон колегите кои ги почитувам, а кои се дрзнуваат да обвинат за злоупотреба и модификација на авторство и притоа го занемаруваат фактот дека тие го прават истото и тоа долг низ години. Оставам на јавноста да процени чија злоупотреба е поштетна и потрајна, онаа на ЗМБ или таа на одредени колеги од АММ, па и на АММ како издавач на публикации со некоректно преземени туѓи илустрации.
Да бидам јасен, воопшто не го оправдувам неавторизираното користење на туѓи илустрации во било која институтција, иако за жал тоа е сè уште редовна појава во македонската археологија, дури и меѓу нејзините најеминентни имиња. Меѓутоа, не можам да толерирам кога археолози што обвинуваат, истовремено не го почитуваат авторството на другите, а притоа и мене ме ставаат во нивниот прилично извалкан кош и задкулисни игри.
Според прикажаното, повеќе од очигледно е дека јавната реакција на одредени колеги е тенденциозна и преку поткусурување на меѓу-музејски, внатрешно-музејски и меѓупартиски ривалства, се цели кон девалвирање на она што четириесетина македонски, американски и канадски колеги заедно го сработивме за успешна реализација на изложбата „The First Kings of Europe“ во САД и Канада. Ми претставува голема чест и гордост што на оваа изложба, којашто ја видоа приближно 400.000 посетители, на најдостоинствен начин го презентиравме предисториското културно наследство од Македонија. Затоа е тажно и очајно кога провидно се манифестираат лични или институционални фрустрации, а кои единствено одат во прилог на малограѓанскиот сеир. За многумина сето ова изгледа смешно и ајде да не се резилиме пред нашите луѓе и пред светот.
Туку, да си ги засукаме ракавите и да си ја сработиме добро својата работа, па да ù помогнеме на оваа земја со нашето знаење. Така на многумина ќе им биде подобро … и поубаво.





