Колку е голем Родољуб Анастасов?

Колку е голем Родољуб Анастасов, неговото дело и творештво? Колку што беше величенствена атмосферата синоќа во преполната сала на Музејот на град Скопје, колку што беа благодарни сите луѓе што дојдоа да му го честитаат 90. роденден. Насмеани лица, прегратки со студентите, некои од нив пред пензија, скоро сите со успешни кариери во Македонија или во странство. Токму како насловот на изложбата – „Сите деца на Родољуб Анастасов“ што ја организира Здружението „Архифакт“.

Авторки на изложбата се Јасминка Намичева и Екатерина Намичева-Тодоровска. Тие ги поканија сите студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од Факултетот за ликовна уметност (1980-2000 година) да се приклучат со свое дело на јубилејниот настан. Но, првичната идеја да се соберат делата само на студентите од неговите сликарски класи, се покажала како неважна кога посакале да се приклучат и студенти и магистранти кои само ги следеле неговите предавања, но и оние студенти, денес реномирани уметници кои животот ги однел речиси на другата страна на планетата. Пристигнале дела од Австралија, САД, Бугарија, Германија, Швајцарија …

Намичева вели дека сакале да направат нешто невообичаено. А за огромното творештвото на Анастасов толку многу е пишувано … Па решиле да го претстават другиот огромен аспект во неговата работа – педагошкиот. Па ги поканиле неговите студенти преку своите дела да зборуваат за својот професор.

Фото: Петр Стојановски / Преземено од ppj.mk

Сподели