Директорката на Македонската филхармонија, Тина Иванова е разрешена од позицијата, поради бројните законски повреди и неусогласености во работењето, стои во соопштението на Министерството за култура. Оттаму тврдат дека директорката постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. За в.д директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените.
– Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела Филхармонијата. Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, министерката Костадиновска-Стојчевска донесе одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија. Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата.
Иванова се обрати со јавноста со тврдењето дека не е разрешена поради несовесно работење, туку поради фактот што застанала на страната на колективот и на институцијата, во врска со одлуката на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, Здружението на џез музичарите да се смести во истата зграда со филхармонијата.
– Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет сè до вчера ги испраќаше во филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да ù го испорачаат од неа бараниот материјал и истите не утврдија никакви неправилности во моето и работењето на работењето и на институцијата. Се редеа: трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерството за култура, станаа редовни посетители во нашата институција и се праќаа дури и по неколку пати за да „копаат“ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност – вели Иванова.
Таа е категорична дека резултатите од инспекциите се јавно достапни и секој може да ги види.
– Со ова разрешување и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само ми потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег. Во оваа прилика, јавно изјавувам дека сè уште цврсто стојам на својот тогашен став, и уште еднаш и со ова јавно обраќање, ја потврдувам својата поддршка кон оркестарот, колективот, целата институција од каде што всушност, на јавен конкурс, и бев избрана на одговорната работна позиција директор. После месеците буквално тортура врз мене и колективот од страна на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, на некој начин разрешувањето ми претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за мојот урбан културолошки карактер – вели Иванова.
Таа им посака успешна сезона на вработените и им се заблагодари за соработката и посветеноста во последните четири години.
– На новото раководство на Филхармонијата на чело со новоназначениот директор им посакувам успешна сезона, на вработените благодарност за четиригодишната кооперативност и посветеност, на Национален оркестар натамошна афирмација, на директорите на другите културни институции им праќам силна поддршка да истраат во оваа борба со ветерници, затоа што, како што во многу наврати сме дискутирале, ваков пандан на декултурализација на нашата национална култура немало никогаш во поновата историја на Македонија.
Министерството за култура ги отфрла тврдењата на Иванова за „целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити“.





