Со организирање на конференција целта ни беше да мотивираме локални и регионални истражувачи да ги споделат своите тековни истражувања, да понудиме разновидна програма во која критички ќе бидат испитани прашањата за солидарност, вели Еда Старова-Тахир од Институтот за етнологија и антропологија
Солидарност е тема која сè повеќе го зграпчува интересот на истражувачи и општествени научници кои се занимаваат со различните манифестации на меѓусебна поддршка во современите општества. Така, во последните неколку години се запознаваме со истражувања кои критички навлегуваат во прашањата за солидарност во најразлични контексти. Дополнително, поимот „солидарност“ во нашата јавност е поврзан со Скопскиот земјотрес од 1963 година, и се повеќе се јавува како централен мотив за организирање на трибини, панел дискусии, и други настани кои ја одбележуваат годишнината на настанот, вели Еда Старова-Тахир, асистент на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таа е една од коорганизаторите на меѓународната конференција „Солидарност и поддршка во ерата по социјалната држава“ која денеска (од 9.30 часот) и утре се одржува на Институтот. Своите размислувања ќе ги разменат повеќе од 30 истражувачи во сферата на општествените науки од регионот и пошироко. Конференцијата ја организираат ИЕА и Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија.
Еда Старова-Тахир
– Солидарност и поддршка се поими кои имаат силна позитивна конотација – тие сами по себе укажуваат за форми на заедништво, взаемна помош, меѓународна поддршка, итн. Од друга страна пак, реалноста и не е толку идеална. Солидарноста има граници – во смисла кон кои ја покажуваме и од кои ја очекуваме – но исто така и нејзиниот изглед се менува со текот на времето, особено во контекст на неолиберални јавни политики. Токму тие прашањата за начинот на кој солидарноста се манифестира и се изменува во денешен контекст наспроти периодот по земјотресот и во поглед на традиционалните форми на самопомош беа главен поттик за конференцијата. Целта ни беше да мотивираме локални и регионални истражувачи да ги споделат своите тековни истражувања, да понудиме разновидна програма во која критички ќе бидат испитани прашањата за солидарност, со што би се навлегло подлабоко во суштинската позадина и важноста на јавни политики ориентирани кон градење на заедништво – вели Старова-Тахир.
Солидарноста од различни аспекти
На конференцијата ќе учествуваат триесетина истражувачи во сферата на општествените науки од земјава и од странство. Предавањата се исклучително разновидни, но сите ја опфаќаат нишката на солидарноста и хуманитарноста. Според Виктор Трајановски, доцент на ИЕА, веднаш по земјотресот на 26 јули 1963 година, голем број хуманитарни организации од различни земји во светот пристапија кон собирање помош за Скопје, со што овој град стана синоним за солидарност, т.е. го доби епитетот „Град на солидарност“.
Старата железничка станица: Од антрополог Џоел Халперн снимена 1973 година / Извор: Архив на ИЕА – Дигитален Архив на етнолошки и антрополошки ресурси
– Токму ваквиот слоган беше поттик за реализација на оваа конференција, а подоцна при конципирање на програмата, стана и носечка тема. Бидејќи фокусот на проучување на антропологијата како научна дисциплина не е фиксиран само на една тема или област. Напротив, се работи за еден широк дијапазон на полиња во чија срж стои трипартитноста: човек-култура-општество. Аналогно на тоа, и во конципирањето на програмата идејата ни беше да се поканат трудови кои ја проучуваат солидарноста од што поразлични аспекти. Па така, во програмата свое место ќе најдат теми кои ја обработуваат солидарноста во традиционалната култура, потоа солидарност застапена во кризни ситуации: пандемии, земјотреси, воени конфликти, мигрантска криза, волонтерство; солидарноста преточена преку иницијативи на државата и разни невладини организиции; грижа и здравје за сиромашни лица и бездомници, и уште многу други теми поврзани со солидарноста кои се цел на интерес на истражувачи во сферата на општествените и хуманистичките науки од земјава и од странство – објаснува Трајановски.
Виктор Трајановски
Според него, меѓународните конференции се битни зашто главно им овозможуваат на луѓето да учат едни од други, да споделат информации, искуства, знаење и вештини, во одредени случаи и да решаваат проблеми.
– Трудовите што ќе бидат презентирани на оваа научна конференција во чија основа се наоѓа солидарноста и взаемната поддршка, може да бидат поттик за пошироката јавност во следење на најразлични позитивни примери од светот, кои би придонеле во подобрување на егзистенцијата и заедничката благосостојба и на тој начин да му помогнат на човештвото во справување со предизвиците кои го сардисале, било тоа да се предизвикани од човечки фактор или пак природни непогоди – вели тој.
Помите од минатото денес
На прашањето 60 години по катастрофалниот скопски земјотрес, колку научивме од оваа „лекција“, како поимите „солидарност, хуманизам, емпатија“ денес се спроведуваат во пракса Балканот, Старова-Тахир вели дека годините на „повторна изградба“ по земјотресот се запечатени во колективната меморија на Македонија како највисока манифестација на солидарност.
– Разбирливо е да чувствуваме одговорност да ја оправдаме истата, во поглед на одржување на јавното добро или пак реципроцирање на слични форми на солидарност. Но, она што можеме да го видиме од антрополошките истражувања е комплексноста на реалниот живот со што трите поими и не така лесно можат да се дефинираат или идентификуваат. Разновидноста на презентациите во конференцијата укажува на потребата на антрополозите постојано да се навраќаат на присутноста и недостатокот на солидарност во општеството – обидувајќи се да ги дефинираат токму поимите хуманизам и емпатија во рамките на државните јавни политики, но и во историски и културолошки контекст – вели Старова-Тахир.
Фото: ИЕА
Таа додава дека она што е карактеристично за антрополозите е поврзаноста (или потребата) да работат со заедници или категории на луѓе кои се маргинализирани или се соочуваат со некакви општествени нееднаквости. На некој начин на тоа може да се гледа како една форма на солидарност – односно оддавање внимание на групи кои историски се маргинализирани во политички или истражувачки поглед.
– Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија и Институтот за етнологија и антропологија, кои во партнерство ја организираат конференцијата, всушност често се вклучени во такви иницијативи и проекти – како пример е долгогодишната соработка на Институтот за етнологија и антропологија со Црвен Крст на Град Скопје или пак ад-хок иницијативата за собирање на усни истории на бегалци од Украина кои се населени во Македонија. Во таа смисла, за антрополозите честа тема на интерес се изблици на солидарни практики во најразлични средини (како примери на меѓусебна поддршка во мали заедници) или пак групи кои се засегнати од недостаток на солидарност – на Балканот и пошироко денес можат да се забележат и едните и другите – вели Старова-Тахир.