Разочарувањето секогаш нè следи – дали воопшто ќе стигнеме на олимпијадата?

Умно.мк во неколку продолженија ги претставува проблемите на олимпијците кои секоја година мака мачат да стигнат до далечните дестинации и да ја претстават Македонија, зашто немаат системска поддршка од државата

Државата треба да си ја преземе обврската и да обезбеди средства за авиобилети за да заминеме на олимпијада. Сите останати држави кои учествуваат на олимпијадите овој проблем го имаат решено одамна. Така и учениците и менторите можат многу повеќе да се посветат на подготовките за олимпијадите, вели Елена Живаљевиќ, 4. година во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. Таа е една од талентираните ученици по хемија кои ја претставуваат Македонија на престижните меѓународни натпревари.

Умно.мк во неколку продолженија ги претставува проблемите на олимпијците кои секоја година мака мачат да стигнат до далечните дестинации и да ја претстават Македонија, зашто немаат системска поддршка од државата. Деветтемина средношколци интензивно се подготвуваат на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје за двата претстојни натпревара – 59. Менделеева олимпијада по хемија што во мај ќе се одржи во Бело Хоризонте, Бразил и 57. Меѓународна олимпијада по хемија што ќе се одржи во јули Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати.

Иван Костевски, Елена Живаљевиќ, Марио Ванчоски и Петар Мирчевски

Елена веќе трета година учествува на подготовките за двете интернационални олимпијади. Ова искуството е многу значајно за олимпијците зашто учат да е справуваат со притисокот за време на комплексните натпревари.

– Очекувањето на резултатите е највозбудливиот момент. До последниот момент е неизвесно. Кога видов дека моето име беше трето на ранг-листата бев пресреќна. Можноста да ја претставувам Македонија на 59. Менделеева олимпијада за мене претставува огромна чест, можност да се запознаам и да се натпреварувам со најдобрите млади хемичари од целиот свет – вели Елена.

Подготовките на Институтот по хемија се одвиваат преку целата година, два до три пати неделно. Тие бараат сериозни лични откажувања во поглед на приватниот живот.

– За разлика од моите врсници, викендите ги поминувам на Институтот за хемија каде што ги изучуваме главните и најважните области од хемијата за олимпијадите. Освен учење, овие подготовки се полни со дружење и позитивна енергија од нас, учениците и од менторите. За мене најтешко е совладувањето на теоретскиот дел од органската хемија. На олимпијадите оваа област знае да покрие и до 50 отсто од сите проблеми – раскажува Елена.

Таа е матурантка годинава и ова ù е последно учество на олимпијадите. Своето школување планира да го продолжи во странство, веројатно на Факултетот по хемија во Љубљана.

– Институтот за хемија во Македонија располага со врвни професори кои имаат огромна желба и знаат како да го пренесат своето знаење, но за жал државата е незаинтересирана да вложи финансии за инструменти, опрема и материјали кои се многу важни за хемијата. Оттука со жалење можам да заклучам дека моето развивање како хемичар ќе ми биде многу полесно на универзитет во странство каде постојано се вложува во идни научници и државите се многу позаинтересирани да ги задржат – вели Елена.

Георги Николоски е 3. година во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Можноста да ја претстави Македонија на 59. Менделеева олимпијада по хемија ја гледа како шанса да запознае луѓе кои имаат амбиции за науката надвор од нашата држава и да воспостави нови познанства.

– Да согледам различни размислувања и ставови, да запознаам различни карактери, на научам нешто што е практика во другите држави во врска со науката и да го имплементирам во начинот на работа тука, во Македонија – вели Георги.

За него подготовките на Институтот за хемија се исклучително интересни зашто го надградува своето знаење. Подготовките се сериозни, интензивни и долготрајни и во фазата на претквалификација во тимот. Особено му значат практичните подготовки кои му овозможиле да напредува во практичните примени на хемијата.

– На подготовките користиме нов и современ инвентар што ни овозможува поголема ефикасност. Можноста во секој момент да им се обратам на професорите и асистентите и да добијам издржан и исцрпен одговор е мотивирачка и ме поттикнува да истражувам, да поставувам прашања и да ги продлабочувам моите знаења – објаснува Георги.

Тој со родителите и менторите разговара што ќе се случи ако не се обезбедат пари за авиобилети за натпреварите.

– Во случај да не се обезбедат средства, треба интензивно да се заложиме за да ги информираме општествено одговорните компании со какви предизвици се соочуваме во очекување дека ќе помогнат. Во спротивно, се разбира дека нема откажување – вели тој.

Марко Пејов е 3. година во „Јахја Кемал“ во Скопје. Вели дека можноста да учествува на Мендеелевата олимпијада е добро искуство и шанса да се научат нови работи.

– Немав некакви конкретни очекувања во однос на влегување во тимот. Подготовките на Институтот за хемија се одвиваат добро. Досега не сум размислувал на можноста сам да ги покријам трошоците доколку не се најде решение на проблемот – вели Марко.

Иако има уште една година до матура, тој планира да студира во странство.

Петар Мирчевски, е 4. година во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Покрај сите перипетии лани, тој освои сребрен медал на 56. Меѓународна олимпијада по хемија што се одржа во Саудиска Арабија. Повторно, за него е огромна гордост годинава да ја претставува сопствената држава на Менделеевата олимпијада по хемија.

– Сакам добро да ја прикажам Македонија пред светската сцена на хемијата и да покажам што можат да направат Македонците во ова поле. Многу долго учев и се подготвував за селекциониот натпревар. Очекував да постигнам успешни резултати и да станам дел од македонскиот олимписки тим – вели Петар.

Тој смета дека подготовките на Институтот за хемија се добро организирани и го опфаќаат материјалот што е предвиден за олимпијадите по хемија. Верува дека не постојат тешки теми за совладување и кон новите нешта пристапува со разбирање и упорност за совладување. Ова не е прва година со која се соочува со финансиските проблеми како олимпиец.

– Разочарувањето е секогаш следи по селекциониот натпревар секоја година, затоа што сме во неизвесност дали воопшто ќе присуствуваме на олимпијадата. Не се надеваме многу, за да не се разочараме, дури не обезбедиме пари за патни и други трошоци. Годинава трошоците се поголеми зашто олимпијадата ќе се одржи во Бразил. Моите родители можат да обезбедат минимален, незначителен придонес. Сепак претпоставувам дека семејствата на сите олимпијци немале предвид и не биле свесни дека треба да ја финансираат македонската делегација за олимпијадата по хемија – вели тој.

Петар до последен момент се двоумел каде да го продолжи своето образование.

– На крај одлучив да биде во странство. Пред сè затоа што сакам нова средина од која можам да собирам нови искуства, а и поради подобрите услови за студирање – вели тој.

(ПРОДОЛЖУВА: Зошто Македонија не нè поддржува, кога сме нејзината иднина?)

Фото: СХТМ (архива)

Сподели