Јурчева покажува ненаметлива доследност во интерсот и истражувањето на непознатото, едно постојано трагање по што поавтентични патишта, форми и жанрови за да се преточи тој интерес и она што особено фасцинира – многу работа на јазикот и на лексиката. Кон „Разнишан свет“ од Ирена Јурчева, Темплум, 2022
Пишува: Александра Јуруковска
Ирена Јурчева е интересна појава на нашата книжевна сцена. Има една мистичност и мистериозност во нејзиното пишување, кое го зачна уште со почетоците на тогашната македонска блогосфера, кога објавуваше под ник нејмот (nick name) Cristal Castle. Објавите подоцна ги преточи во книгата „Светлата страна на готиката“, која излезе како дел од едицијата Блог записи (Аквариус 5, 2008 година). Афинитетот кон фантастичното ќе биде присутно и во поетското остварување „Таинстава“ (2017 година), но и во „Белата е најстрашната боја“ од 2019 година, за која ќе ја добие наградата „Новите“ на издавачката куќа „Темплум“.
Јурчева покажува ненаметлива доследност во интерсот и истражувањето на непознатото, едно постојано трагање по што поавтентични патишта, форми и жанрови за да се преточи тој интерес и она што особено фасцинира – многу работа на јазикот и на лексиката. Таквиот интерес продолжува и во нејзиното научно и академско надоградување, бидејќи како преведувач работи на културолошкото преведување на „Силимарин“ на Толкин.
Свртеноста кон чудесното, односно фантастичното е темел и на „Разнишан свет“ („Темплум“, 2022). Оската има почеток, средина и крај, односно една постепена градација. Збирката почнува со одличниот расказ „Ранобудниот негубинадежник“. Еден текст со сигнификантен наслов, една проза во која го има Гане Тодоровски со „Одата за Делникот“, обичниот ден за обичниот човек или необичниот човек во еден обичен ден. Го има Гане и неологизмите, во кованиците, во едно својско нурнување во јазикот, кое кај Јурчева е на завидно ниво.
Збирката почнува со шармантен портрет на некој чичко од скопскиот плоштад и ве остава со подотворени очи – го знам ли? Го сретнав ли? Ме размина ли? Се поздравивме ли?
За веднаш потоа во некој од следните текстови да го сретнете преведувачот и неговиот плаќач во една чудна атмосфера, во една нејасна просторија која наликува на сцените на Хофман, а зошто да не и на ликовите кај него? Оти нели и овој родоначалник на фантастичниот расказ среќаваше и опишуваше музичари, капелари, витези и песовничари? И секој од нив ем е некој од нашето опкружување, ем за час исчезнува зад свиокот, зад огледалото, зад завесата, зад својата сенка или е – без сенка.

Јурчева добро го познава инструментариумот на фантастиката, па во нејзините текстови преовладува меѓупросторот, оној каде што не постои разлика меѓу сонот и јавето, меѓу вистината и привидот. Атмосферата често е онирична, сенишна, ликовите се поврзуваат со сеништа, секогаш има некоја кулиса плус, секогаш нешто останува недоискажано, невидено или за миг исчезнува од пред очите на оној што чита и се обидува да ги замисли нештата. Сликите се менуваат со секое трепнување на очите, соништата се менуваат како на филмска лента. Соновите и се испреплетуваат, се надоврзуваат, се испрекинуваат, па по неколку страници продолжуваат, како река понорница, како никогаш да не престанале. Во нивните описи има фантастични, трилер и хорор елементи, има многу од наследството на готската фанатастика, готскиот роман, но и многу, многу поезија. Ирена е писател кој чита. Таа ја има усвоено фантастичата и готска лектира, ги усвоила класиците на овој жанр, од нив го учи занаетот. Тука е и Толкин, но тука е и научната фантастика, бидејќи над некое сениште од фантастичниот арсенал, прелетува летало изградено од човечка рака.
Во авторите кои влијаат на нејзиното писмо ја има и големата Маргарет Атвуд, од нејзината култна „Приказната на робинката“, најверојтано и истоимениот филм, ја има дистописката поврзаност на нештата, кога речиси на половина книга читателот сфаќа дека се дотогаш прочитано е порзано. Зборовите содржат кодови и тајни имиња кои водат до мрачни ходници што треба да бидат решени, осветлени и одгатнати како тајна на еден свет, на еден најчесто мрачен тоталитаристички систем кој може да се сруши само со Отпор. Тој и таков строго контролиран разрушен, а организиран свет, речиси без исклучок изискува Отпор.
Во присуството пак на темните и мрачни сцени и места, препознавам уште едно дело од Атвуд – „Пролетната песна на жабите“ („Темплум“, 2003 година), во кое има места – антологиски примери за градење атмосфера.
Јазикот во „Разнишан свет“ на Ирена Јурчева е уште една цврста основа книгата. Дел од лексиката што таа ја користи, што ја создава, или по која трага, е барање подзаборавени јазични решенија или ковање свои: негубинадежник, ноќник (своевиден омаж на Алојз Бертран можеби и антологиската „Гашпар Ноќникот“?) потоа упросечнати, увочешалки, растемелен и слично. На ова ниво препознавам врска и со Драги Михајловски, кој воедно е и рецензент на книгата. Неговото писмо во делото на Јурчева е присутно на две рамништа. Прво, во неговото учетелствување и пренесување на љубовта кон јазикот врз студентите, на аманетот да трагаат и копаат по зборови, фрази и изрази како што тоа го прави Ирена низ целиот „Разнишан свет“. Второто, преку неговото раскажувачко мајсторство, посебно преку она ткаење на заеднички свет за мртвите и живите, особено присутен во неговата збирка „Ѓон“ една од најдобрите збирки раскази во македонската книжевност.
Списокот на алузии, кодови и книжевни и културолошки шифри кај Ирена е голем, широк и сигурно може да се дополнува со секое следно читање. Тоа само укажува на една широчина на познавањето, на нејзината посветеност колку во пишувањето, толку во читањето. Оти готиката, фантастиката, изискуваат една широчина и познавање на историјата, на фолклорот, религијата, теолошката лексика и сл. Низ текот на читањето и на толкувањето на „Разнишан свет“, за книгата размислував како за збирка раскази, за при крајот да сфатам дека може да се пишува и како за роман, поделен на поглавја и делови, со многу збирни места, заеднички ликови, теми, сонови и пред се тон и стил.
Умовајање, умување, умствена игра како НЗС за најновата книга на Ирена Јурчева.





