Уметничкиот дух викендов ја обзеде Малешевијата

Изложба, поетски читања, книжевни промоции, слем-поетување и музички настапи се одржаа викендов во Берово во рамките на првиот книжевно-уметнички фестивал „МалеМале“. Гостуваа познати писатели, уметници и музичари, чии дела беа претставени низ дводневната фестивалска програма.

Фестивалот се одржа во Берово и Пехчево. Публиката ја виде изложбата на цртежи од Владимир Лукаш, ја проследи промоцијата на книгата „Зборка“ од Тања Аждаја, а се читаа стихови од Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Тихомир Јанчовски, Тања Аждаја, Перица Сарџоски, Владимир Лукаш и Ана Голејшка-Џикова. Се одржа и слем-поетување на Горазд Кени Китановски.

– Со надеж дека ќе прерасне во традиција, целта на „МалеМале“ е да го развигори културно-уметничкиот дух во Малешевијата и да послужи како потстрек за слични иницијативи од ист или сличен карактер – велат организаторите, Тихомир Јанчовски и Тања (Павлеска) Аждаја.

Сподели