Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со Сања Михајловиќ-Костадиновска, авторка на „(Бес)конечни модели на расказот“ – книга за месец мај на библиотеката. Разговорот со Михајловиќ-Костадиновска е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“, а збирката раскази „(Бес)конечни модели на расказот“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 26 мај. Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„(Бес)конечни модели на расказот“, издание на Бегемот, содржи 80-ина куси раскази поделени во неколку циклуси и тоа: почетнички раскази, иритирачки, деликатесни, ситни, патувачки, вселенски.
– Ефектни, енергични и динамични, минијатурите на Михајловиќ-Костадиновска се одликуваат со една згусната форма, нагласена сликовитост и висок степен на култура на изразот. Тие нудат мошне впечатливи, интересни и возбудливи коментари за видовите нарација кои, несомнено, ќе ја разиграат читателската фантазија и ќе понудат неповторливо читателско искуство – пишува Лидија Капушевска-Дракулевска.

Сања Михајловиќ-Костадиновска (1982, Скопје) е вонреден професор по шпанска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено романот 517, победник на конкурсот „Новите“ во 2015 година, збирките куси-куси раскази (Бес)конечни модели на расказот (2018), Во Кратки црти (2021) и приказната за деца Сонувалко (2019). Нејзини раскази се преведени на англиски, шпански, словенечки, српски и хрватски јазик во списанија, антологии или посебни изданија, а има учествувано и на повеќе фестивали за кратка проза. Активно се занимава со превод од македонски на шпански и од шпански на македонски јазик и е член на македонското Здружение на преведувачи и толкувачи.
Кампањата „Читаме современи македонски автори“ почна лани во септември како заложба на Градската библиотека да ги доближи македонските писатели до своите читатели. Досега во рамките на кампањата беа претставени осуммина автори: Жарко Кујунџиски со „Сфинга на гневот“, Билјана С. Црвенковска со „Девет приказни за госпоѓица Сит“, Игор Станојоски со „Диссомнии“, Ана Стојаноска со „Лебед“, Јулијана Величковска со „Годишни времиња“, Александар Русјаков со „Хотел меѓу две војни“, Игор Анѓелков со „Двојна експозиција“. Сања Михајловиќ-Костадиновска е последната, осма авторка во првиот циклус од кампањата.
– Желбата да им ги доближиме современите македонски писатели на нашите читатели вродува со плод. Разговорите со авторите се посетени, книгите и понатаму се зајмуваат и бараат во сите наши библиотеки, а за неколку од нив сè уште има список на чекање. Ова ни дава надеж дека нештата полека, бавно, но сепак се менуваат – вели Снежана Стојчевска, директорка на библиотеката.
Кампањата со нов циклус од осум автори и осум дела ќе продолжи од септември.





