Во предлог-законот се пропишуваат глоби со трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби
Задолжително лекторирање на текстовите што се објавуваат, како и документите издадени од институциите се дел од предлог-законот за употреба на македонскиот јазик што Владата го усвои на вчерашната седница. Предлагач на документот е Министерството за култура. Новина што се воведува со предлогот е обврската за задолжително вработување лектори во органите на законодавната, на извршната и на судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во други држави и во меѓународни организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и институции и во медиумите регистрирани во Републиката.
– Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик – се вели во соопштението на Министерството за култура.
За вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. Инспекторатот ќе биде фокусиран на вршење инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што треба да се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик.
– Во овој предлог-закон, имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби со трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби – се вели во соопштението.
Иако постојниот Закон за употреба на македонскиот јазик од 1998 година постигна позитивни ефекти во подигањето на јазичната култура во државава, сепак во практиката сè повеќе се забележува непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера.
Владата го усвои и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни награди, со кој се воведуваат уште две државни награди – државната награда „Блаже Конески” за остварувања во областа на македонскиот јазик и македонистиката и државната награда „Ремзи Месими” за остварувања од областа на албанскиот јазик и албанистиката.