Популарниот црногорски музичар Рамбо Амадеус вечерва во 20.30 часот ќе биде солист на новиот концертен предизвик на ЗЏМ Биг бенд, на сцената на Филхармонијата. Со Рамбо Амадеус започнува соработката со музичари од регионот и пошироко, истакна Гоце Стевковски.
За Гордан Спасовски од Здружението на џез музичарите, идејата е со ваквите музичари да се создава и нова музика.
– Сите аранжмани на конертот се на членови на оркестарот – истакна тој.
За Рамбо Амадеус, музиката е неограничен простор, универзален јазик. Неа ја разбираат насекаде во светот.
– Отсекогаш сонував мојата музика да може да добие друга агрегатна состојба. Возбуден сум дека моите дела со овој концерт ќе доживеат нов живот. Тоа е приказната за мојата работа и среќен сум што ја имам оваа прилика, сопствената музика да ја чујам на нов начин. Навистина мислам дека овој концерт можеме да го изведуваме на повеќе сцени и фестивали, но ајде да го чуеме прво во Скопје, да го снимиме, па да видиме како ќе ù се допадне на публиката. Сакам да нагласам дека ова ќе биде шоу на ЗЏМ, а јас само ќе бидам нивен гостин и ќе се трудам да не доминирам. Шокиран сум во позитивна смисла од аранжманите – истакна гостинот.

Џијан Емин се потсети на помладите денови кога во 90-тите години почнал да ја слуша музиката на Рамбо Амадеус, а вели „еве дочекав сега и на сцена да настапиме заедно“.
– Оваа соработка е доказ за растењето на нашиот биг бенд. Веќе имаме најави за некои изведби на џез фестивали догодина, а сакаме да создадеме и заедничка музика – вели Емин, кој ќе биде диригент.
Рамбо Амадеус е музичар, поет, гитарист, еко-активист. Неговите текстови и медиумски излагања се цитираат со години и децении. Неговите песни комбинираат уникатни сатирични текстови кои честопати
ги критикуваат општествените појави кои нѐ засегаат сите, а неговите концерти речиси никогаш не значат дека ќе чуете едноставни повторувања на снимените песни. Напротив, секое слушање е ново доживување и умешна импровизација која зборува за човековата природа.

Здружението на џез музичари и слободни уметници е здружение основано со цел да ги обедини џез музичарите во Македонија, да ги заштити нивните права и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа. Во Здружението членуваат и дел од нашите најреномирани џез музичари, а во неговите рамки делува и ЗЏМ биг бендот чија репутација се должи на бројните успешно организирани настани изминативе години.





