Св. Климент Охридски, подвижник на една епоха

Пишува: Даница Среткоска, средношколка

8 Декември е празникот на големиот словенски учител св. Климент Охридски. Умот за него ги премина границите на вековите и се прероди заедно со будењето на долго заробените словенски народи. Се претвори во одразот на човек што својот живот го посветил на упорна практична работа за ширење на словенската писменост, а со тоа најмногу придонесе за поставување на нејзините темели. И нависитна, денес, св. Климент нам ни се претставува блиску како човек, активен, неуморен, со јасно поставена цел пред себе, сѐ до последниот свој ден. И неговиот лик најмалку ни се затемнува од онаа хагиографска магла што ги обвива ликовите на огромниот број од светците, како ореолот на нивните глави, на старите, избледени фрески и што неволно од црковните преданија, ни се наложува во нашите претстави. Св. Климент е единствен од светците што има оставено таков жив спомен во нашиот народ, таму кај што работел, во Охрид, и тоа самото сведочи за влијанието што го укажала неговата личност на народот. Зашто нему, на ученикот на Кирил и Методиј, му се падна во дел да одбележи цела една епоха, кога тука, во Македонија, на крајната јужна граница од словенскиот свет, требаше да се продолжи борбата за самостојна словенска писменост и да се потврди делото што Кирил и Методиј го започнаа меѓу Словените.

Климент, заедно со други видни ученици на солунските браќа, бил прогонет од Моравија, па така, во 886 година, Климент се установи во градот Охрид, каде што престојувал во манастирот што го изградил. Во нашите краишта тој работел сѐ до својата смрт, цели триесет години, најпрво како учител, а потоа како епископ. Најголемиот и најплоден период од својот живот, па сѐ до својата смрт во 916 година, Климент го минува помеѓу македонските Словени. Со неговото доаѓање во Охрид и со неговата неуморна работа, таму го пренесе жариштето на словенската писменост, која тогаш ги бележеше своите први почетоци.

Тој е еден од најдобрите христијански проповедници и писатели од старата епоха на словенската писменост. Тој е создавач на новата по совршена словенска азбука (ја упрости глаголицата) која што после, под името кирилица станува азбука на поголемиот дел од Словените. Кирилицата како азбучен систем се базира врз глаголицата, а тоа произлегува сосема јасно од фактот дека во неа се внесуваат нови букви за словенските гласови што ги нема во грчкиот јазик. Тој не се ограничува само на тесниот круг на црковната дејност, туку се грижи за општото културно подигање на народот. Колку биле големи неговите замисли и организаторски вештини, покажува неговата школа-универзитет во Охрид, каде што подготвени излегле околу 3.500 ученици, и отишле на различни должности во повеќе епархии. Со тоа што го направи за развојот на словенската писменост и за нејзиниот јазик, Климент Охридски се одвои како фигура од општословенско значење. Тој остави посебна трага во обликот на најстарата словенска литература како организатор и главен претставник на охридската книжевна школа. Тоа е обемот на неговата работа со која што тој успеа да ја зацврсти словенската просвета и писменост. Тоа беше големиот резултат од онаа епоха кога се зачна словенската писменост и кога се поставија темелите на словенската просвета. А местото и заслугата што му се паѓаат на св. Климент, како еден подвижник од таа епоха, е навистина неспорно. И денес славата негова не се засенува, туку станува уште посветла.

Генерацијата на Климент Охридски се залагала да се зацврсти свеста дека Словените треба да се вклучат во културниот свет како активен субјект, а не како аморфна маса без свој културен лик. Св. Климент припаѓа на првата генерација која успеала во афирмацијата на Словените.

Климент напишал работи какви што тријазичниците не можеле да напишат на грчки или на латински јазик. Славата на Климент како најнадарен писател од стариот период на словенската писменост од никого не се успорува. Тој пишува на еден неразвиен јазик, но богат, разнообразен и сугестивен во однос на стилските текови. Изненадува зрелоста на кажувањето во неговите текстови, зошто се работи за јазик што тукушто ја доживеал својата прва писмена обработка. Таа зрелост не може да се објасни ако не се претпостави дека во самата словенска средина, веќе бил пројавен видлив културен подем и ако не се сфати дека во Климент имаме личност што целосно ја постигнала мерата на највисоката образованост во својата епоха. Неговото име во историјата се запишува, не како провинцијалец, туку како зачетник на едно културно движење со голем потенцијал што успеа да се множи во иднината…

Денеска е 8 Декември, и денес св. Климент е нашиот патоказ кон иднината, со јасна порака од неговите житија: „Чувајте го ова што ви го дадов. И помнете, ви го давам за да го дадете на луѓето. Мојата желба е да им дадете и повеќе. Брани го од туѓинци. Најубаво ќе го браните кога нема да лакомите по туѓото, зошто тој што лакоми по туѓото, го губи своето!“ – св. Климент Охридски.

Сподели