Пишува: Трајче Кацаров
Во сеќавање на Б.Конески
На неколку месеци пред смртта, Блаже Конески дојде во Штип. Поводот беше промоцијата на собраните дела од белетристиката во четири тома, во издание на „Култура“. Беседата за Блаже, како и промоцијата во целост, остави голем впечаток кај адорантите на неговиот лик и дело. За време промоцијата, професорот Атанас Вангелов беседеше за Конески. После промоцијата, во кафанчето на неколку чекори од Домот на културата, Конески беседеше за домашната и светската литература. Во беседењето беше нежен. Глаголеше со природна искреност, почит кон другите и со поддршка на следбениците. Додека го слушав, како да го гледав древниот философ за кој живеењето со природна искреност значи да се биде во служба на другите, односно, значи реплицирање на енергетското поле од кое потекнуваме.
Блаже си отиде од Штип, како и што дојде – лекичко, со блага насмевка. Јас останав пленик на неговата нежност. Одејќи си кон дома се молев да си го одржи зборот – да ми прати песни во ракопис, за да ги објавам во Гласникот што треба да излезе од печат по тој повод. По неколку дена добив писмо, потпишано од Блаже Конески. Содржината му беше – две песни во ракопис и молба да ги лекторираме. Се извинуваше за таквото барање, но таков бил редот. Лекторската работа е детергент кој треба недвомислено да се употребува, си реков.
Песните нè опчинија. Барањето да ги лекторираме, нè збуни. Зарем на Конески да му го лекторираме писанието? Зарем нашиот гуру може да погреши? Зарем му е потребна нашата помош?
Штом го прочитав барањето на Конески, веднаш се сетив на мојата слаба оценка по предметот „Поуки за јазикот“ во петто одделение. Нежноста е чадор, за прошка, прифаќање и љубов. Ја прифатив засекогаш мојата слаба оценка по граматика и продолжив со љубовта кон Блаже Конески.
П.С.
По тој настан, Културно-просветната заедница, организаторот на промоцијата, престана со работа. Гласникот не се отпечати. Останаа песните во ракопис, нелекторирани и необјавени.





