Киро Донев: Не можам без животот на детето во мене

Саморазоткривање е поднасловот на ова интервју со писателот за деца Киро Донев. Невообичаена форма за Умно.мк, во која писателот во разговор со себеси сам си поставува и си одговара на прашањата, но веруваме дека ќе го привлече вашето внимание, посебно затоа што тој е особено интересна личност, омилен писател за деца.

Возрасен писател за деца, така си се нарекува самиот. Киро Донев е автор на педесетина книги. Роден во село Моноспитово, Струмичко, на 21 март – датум кој веднаш потоа е прогласен за Ден на пролетта. Бидејќи е роден во знакот на Овен, постојано удира со глава во ѕид. Тоа удирање понекогаш му се исплатува, бидејќи така си собира тули за градење свој личен став. И надгробниот споменик си го ѕида сам. Денот на неговото „откривање“ сè уште не е познат. До тој ден како и досега, на Татковината ќе ѝ се оддолжува со по една книга годишно!

Од каде да почнеме Кириле? Од почетокот или од крајот?
– Од средината…

Ти веќе ја промени. Се расели од Скопје во родното село. Како ти е сега таму?
– Супер! Секогаш можам да се фатам за сламка.

Сепак, во кој град би сакал да живеш како познат писател за деца?
– Зарем не е подобро да бидеш „облакодер“ на село, отколку – „гаража“ во некој град?

Што го сметаш за твој успех?
– Секој нов ден. Порази не признавам.

Од кој предмет не можеш да се откажеш?
– Од перото.

Кога пишуваш нова книга, мислиш на..
На тоа каква книга јас сакав да читам кога бев дете.

Што не пишуваш сега?
 – Честитки за оние што сами си честитаат.

Да можеш би засадил дрво што раѓа…
– Иднина! Но, под услов да имам и „нотарска гаранција“ дека нема да ми го „кастрат“ соседите.

Што споменик би подигнал во некоја планина?
 – Споменик  на човекот… Иако е единствената грешка на природата!

Те вади од такт…
– Тоа што имаме различна тактика во време кога ни е потребна заедничка стратегија!

Како ја замислуваш Европа по 100 години?
– Како Атлантида пред илјадници години.

Од кој сон не сакаш да те разбудат веднаш?
 – Ако овој живот е мој сон – не будете ме!

Рецепт за успех во животот?
– Зборувај ја вистината или лажи. Но, под услов тој занает добро да го испечеш!

Без што не можеш да живееш?
– Без животот на детето во мене.

Кое ти е најомиленото летување?
– Она во „Големата шума“ на Видое Видечевски и под „Јаворот“ на Видое Подгорец.

Пред да заспиеш, најчесто мислиш на…
– На тоа дали би добил од државата субвенции за овците што ќе ги избројам додека заспијам.

Со кој писател би сакал да се замениш за (неговото) време на живеење?
 – Со Марк Твен. Така би биле само ние двајца.

Што те релаксира?
– Слободната лектира.

Кога некој ќе те изнервира…
 – Јас му се извинувам.

Во што грешиш?
– Во тоа што не грешам.

Омилен лик од старо време?
– Итар Пејо, Насрадин-оџа и баронот Минхаузен!

Која човечка особина најмногу ја цениш?
– И кога лаже – да ја кажува вистината!

Омилен дел од гардеробата?
– Џебовите… кога се полни…

Кога би можел да избираш, кое цвеќе би сакал да бидеш?
– Кога веќе „никој не е цвеќе за мирисање“, зошто јас да не бидам – кактус?!

Што ѝ недостига на Струмица?
– Пречистителна станица… за луѓе!

Опиши се во четири стиха.
– Сум се родил не по своја вина,
туку по желба на тате и мама,
и тоа во една „пролетна зима“ –
на душек од петгодишна слама!

Нешто најоткачено беше кога…
И за моето брачно патување побарав патен налог!

Што не ти е јасно?
– Сè ми е јасно. Ако сакаш, да ти објаснам?

Во што би инвестирал пари?
– Во отворање сервиси за чистење на совеста.

Што мислиш за пчелата и мувата?
– Пчелите медот го прават, а мувите – во него се дават!

А за гулабот на мирот и бувот?
– Гулабот на мирот веќе стана птица-селица. Додека тој е на еден крај од светот, на другиот крај веќе му го запалиле гулабарникот.

Не одговори за бувот. Да немаш нешто против него?
– Имам. По цел ден само дреме, ништо не работи, пак место на администрацијата, го ставиле – како симбол на мудроста, науката и уметноста.

Што мислиш за дивоградбите?
– Мене повеќе ме загрижуваат – дивонадградбите!

Кого би го прогласил за јунак на нашево време?
– Оној што би пронашол закон против оние кои пронаоѓаат – дупки во законот!

Како се чувствуваш кога ќе објавиш некоја нова книга?
– Секогаш сум во дилема: дали да ја примам, или да ја одбијам Нобеловата награда за литература.

Сè помалку имаш коса на главата?
– Но затоа имам сè повеќе лице за миење!

Која музика не ја поднесуваш?
– Онаа на која го грешам орото.

Ван Гог да беше наш уметник…
– Сигурно место своето, би му го пресекол увото на некој свој колега!

Велат дека во Друштвото на писателите на Македонија имало „зависни“ и „независни“ писатели.
– Да… На секој добар писател кај нас доаѓаат по десетина: писатели-падари, писатели-роднини, писатели-суфлери, писатели-чантоносци, писатели-чевлочистачи, писатели-такаџии, писатели-ТВ љубители, писатели-спринтери, писатели-кажими да ти кажам овци и писатели-збородарители. Останатите се групи за кои сè уште не сме чуле!

Времето ни тече Кириле…
– Или ние сме пребавни… А некои мислат дека одат пред времето, а всушност – бегаат од него!

Колку е часот?
 – Е на тоа прашање не одговарам без адвокат!

Фотографија: Јутјуб/Тв Вис

Сподели