„Рациновото признание“ врачено на Блаже Миневски

На Блаже Миневски за романот „Ако се родат некакви чувства“ викендов, во Спомен-костурницата од НОВ во Велес му беше врашено „Рациновото признание“ на отворањето на 60. издание на манифестацијата „Рацинови средби“. Признанието му го врачи градоначалникот Марко Колев.

– Пред 30 години се симнав во криптата каде почива Рацин за да пишувам една новинарска репортажа. Тогаш 20-тина минути тивко си поразговаравме со неговите мошти, кои се негде најдолу меѓу сите други. Се разбира тој разговор не влезе во новинарскиот текст, но влезе во романаните кои подоцна ги пишував – рече Миневски.

Тој додаде дека Рацин секогаш бил присутен во неговите книги и како инспирација и како лик.
– Познато е дека убавината ќе го спаси светот. Јас велам дека чувствата ќе го спасат човештвото. Без чувства нема среќа,без среќа нема иднина. Затоа со чувство на почит сакам да се заблагодарам на жирито што меѓу многуте го избра мојот роман за вака високо и престижно признание – рече Миневски.

Признанието се доделува за најдобро прозно остварување меѓу две Рацинови средби, а годинава во конкуренција за наградата беа 14 романи. Од име на жирито се обрати Маја Апостолоска, која даде стручно образложение за наградениот роман. На свеченото отворање традиционалната „Беседа за Рацин“ ја даде проф д-р Васил Тоциновски.

Фото: Општина Велес

Сподели