Работилница за млади љубители на филмот заедно со режисерот Борјан Зафировски

Во рамките на новиот проект со наслов „Во филмската лабораторија на природата” што се реализира во периодот од февруари до септември 2023, отворен е повик до млади надежни уметници и љубители на седмата уметност, на возраст од 15 до 25 години.

Станува збор за едукативно-уметнички проект и има за цел да го подигне нивото на јавна свест за еколошките прашања во урбаната средина на Скопје и да се поддржи проактивниот однос на поединецот кон општествените промени денес. Проектот е место за спојување, креативно истражување и изразување, каде што уметниците и сите оние што се заинтересирани да го искусат креативниот процес ќе можат да ги развијат и надградат своите интереси, знаења и вештини. На овој начин учесниците ќе имаат прилика да ги споделат и надградат своите заеднички интереси.

Филмската работилница ќе се реализира под менторство на режисерот Борјан Зафировски, а во организација од Здружението за македонско германско пријателство и соработка во Скопје со финансиска поддршка од „Гете институт-Скопје“ и партнерот Go Green – Биди Зелен. Можете да се пријавите на следната имејл-адреса: im.film.labor.der.natur@gmail.com

Работилницата е наменета за сите мотивирани, млади локални филмаџии кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност, како и за аматери љубители на екологијата и одржливиот развој, а сакаат преку уметноста да направат разлика и пошироката јавност да ја запознае нивната работа.

За учество во работилницата е добредојдено претходно искуство и вештини од областа на визуелната уметност. Наведете го вашето искуство во сивито, што ќе ни го испратите на мејлот погоре. Бројот на местата е ограничен и од прифатените апликанти се очекува редовност на сите сесии.

Работилницата за документарен филм ќе се одржи во Europe House Скопје од
11 до 19 септември, во периодот од 13 до 18.30 часот. Во рамки на проектот на 11 септември во 11 часот ќе се одржи екокараван, а на 19-ти – екокино со почеток во 20 часот.

Фотографија: Јутјуб

Сподели