Диатрета, римска луксузна стаклена чаша од 4 век е исклучително редок експонат, а во светот се пронајдени само десетина добро сочувани. Во Македонија ја пронашол археолошгот Милан Ивановски во 1982 година во доцноримски гроб на локалитетот Таранеш, Дебар. Денес, таа се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје.
– Стаклената чаша диатрета е вистинска реткост во светот. Пронајдени се само неколку добро сочувани чаши во целиот свет, меѓу кои е и нашиот експонат. Богатиот инвентар пронајден во гробниците зборува за високата општествена положба на покојникот. Археолозите сметаат дека постојат два вида на чаши диатрета, со фигурален украс и со мрежест дел. Дијатретата од Таранеш е келнски тип, најбогато декорирана. Овој тип на чаши се луксузни производи кои најверојатно служеле за свечено церемонијално пиење бидејќи ги поседувале само припадниците на повисоките општествени слоеви и истите се изработувале по нарачка. Во горниот дел на чашите има натпис (BIBE VIVAS MULTIS ANNIS) кој отрпилика порачува: „Ако пиеш, ќе живееш долго и среќно“ – велат од Археолошкиот музеј.
Фото: Археолошки музеј на РСМ