Публиката во Будимпешта го отсонува македонскиот џез сон, аплаузи и воздишки за нашите џезери

Кога музиката зборува и успева да ги поврзе минатото со сегашноста, старото со новото и кога тоа го прави искрено, не може, а да не се случи вистинска комуникација. Тоа го доживеавме и синоќа за време на концертот што го одржа Националниот џез оркестар во големата сала на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Со овој концерт беше отворена и малата турнеја на националниот џез состав со концертот „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Публиката едноставно не сакаше да си замине, а ги награди со силни аплаузи и овации.

Нашите музичари, амбасадори на македонската култура беа испратени со аплаузи, воздишки и овации после секоја соло секвенца, после секоја прекрасна композиција. Преубавата и исконска македонска музика родена во фолклорот, но сега облечена во ново руво, во нови аранжмани, и тоа како резонираше со публиката. Диригентот Владимир Николов најави дека „Македонски сновиденија“ ќе биде разговор помеѓу македонското минатото и сегашноста, но и разговор со светот. Така и беше. Колку е величествена музиката и „разговорот“ што може музиката да го постигне и тогаш кога во публика имате луѓе коишто и можеби не го познаваат вашето творештво најдобро.

Неописливо е чувството на вакви концерти кога уште од прв такт во вас ќе затропоти убава емоција предизвикана од македонскиот препознатлив музички ритам. Концертот беше отворен со „Деветка“ од „Леб и сол“, по аранжмани на Кокан Димушевски и Владимир Николов и првите аплаузи за соло делот на Иван Иванов. Аранжманите на композициите ги направија диригентот Николов и од Гордан Спасовски. Инспириран од орото Ратевска, а во чест на Зоран Маџиров, Спасовски ја создаде A Letter to the Bottleman (Ratevka) (Писмо до човекот со шишињата). Во чест на својот професор Илија Пејовски, Владимир Николов ја напиша и аранжира композицијата „Reflection of Caress“, даде посебна емоција и нежност на концертот. Ја чувме и Can you dig it?, композиција на Васил Хаџиманов. South Node и Changing Landscapes се оригинални композиции на Владимир Николов што се исто така дел од концертот, а „Касапско оро“ исто предизвика радост кај публиката. Сите музичари што имаа соло делници брилираа, најголем удел во оваа приказна имаше Кирил Кузманов, со најмногу соло настапи.  

„Калајџиско оро“ за крај беше полн погодок, а за награда – публиката ја слушна и „Не си го продавај Кољо чифликот“, од Илија Пејовски.

Овој концепт за промоција на Националниот џез оркестар, но и на нашето музичко творештво се покажа полн погодок.  На концертот присуствуваше и Марија Ѓоргова, државна секретарка на Министерството за култура и туризам. Во организацијата на концертот помогна Златко Панзов, професор на Универзитетот ЕЛТЕ и дел од центарот Balkan Heritage. 

Фото: Маја Аргакијева

Следна станица на џезерите со концертот „Македонски сновиденија“ е Прага, каде утревечер во 19.30 часот во La Fabrika, современ уметнички центар и една од најпознтите џез и театарски сцени во Чешка. Турнејата ќе заврши во Виена на 17 ноември во клубот Club Porgy & Bess (20:30 часот). 

Сподели