Првиот испит од државна матура се полага денес во холови и спортски сали за да се избегне препишување

Задолжителниот испит по македонски, албански и турски јазик од државата матура се полага денес низ средните училишта во Македонија. 14.838 кандидати се пријавени за испитот по македонски јазик и литература, 10.093 за албански јазик и литература, 4189 – за турски јазик и литература. Годинава државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори.

Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено: користење какви било дополнителни средства – учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди, консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).

Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни, изјави Билјана Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ).

За вториот (изборен) екстерен испит на 8 јуни пријавени се: 315 кандидати за математика, 13 199 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 104 за германски јазик, двајца кандидати за руски јазик, еден за филозофија и 84 за естетика. Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.

Сподели