За критичната состојба на критиката во Mакедонија

Зошто сме дојдени на ова дереџе? Причините се многу, од капиталистичкиот поглед на сопствениците на медиумите и нивната кусогледост во поглед на „исплатливоста“ да се има редакција за култура, а камоли посебни новинари кои би се занимавале само со книжевност и книжевна критика, вели Наташа Атанасова

Ќе почнам ин медиас рес, со тоа што сите го знаеме: „Критиката во македонија е во критична состојба“. За право на вистината, не е така со сите видови критика. Но, така е со најважната, пишува во текстот Наташа Атанасова, објавен неодамна на Блен.мк. Повод за текстот е дебатата на тема „Стратегии во уметноста: книжевност“ што се одржа во книжарницата „Илика“, на која учествуваа повеќемина од нашата книжевна средина. Дебатата се одржа во рамките на конференцијата „Стратегии во уметноста“.

Пренесувам дел од текстот на Атанасова, исклучително важен за нашата средина.

„Ако на врвот на стручното анализирање и вреднување на книжевните дела се наоѓа академската критика, можеме да кажеме дека ја имаме. Професорите и професорките од нашите катедри за книжевност активно пишуваат и издаваат, исто како и нивните колеги, научните истражувачи. Сепак, ова се текстови напишани на висок, академски стил, кој не комуницира со широката публика и нивните текстови имаат премала читаност. Но, да речеме дека тоа е во ред.

Понатаму, и аматерската критика ја имаме, и тоа во изобилство. Очекувано, денес таа најмногу може да се најде на социјалните мрежи, во форма на статуси и коментари и најчесто е вреднување односно судење за вредноста на делата без анализа и јасна аргументација. Во овој стог со сено има и по некоја игла, ама таа е некаде длабоко закопана и невидлива за јавноста и предизвик е да се најде, а не пак да боцне – и кога е афирмативна и кога е негативна.

Според мене, видот критика што е најважен за една книжевна сцена и за една книжевност е новинарската критика. Тоа е онаа критика со којашто треба да се занимаваат потковани и посветени критичари кои би ја следеле сцената и периодично (идеално, на неделно ниво) би ги објавувале своите ставови за новите дела од домашната книжевност. Зошто велам дека ова е најважната критика? Затоа што ваквиот вид критика е посредник меѓу книжевноста и широката читателска публика (односно, на оние кои се читатели и на оние кои можат да се привлечат да почнат да читаат), благодарение на приемчивиот новинарски јазик. Е, ваквата критика ние воопшто ја немаме. И тоа трае со години, ако не и со децении.

Во недостаток на оваа најпотребна критика, ситуацијата денес е таква што дупката ја пополнуваат останатите два вида критика, меѓу кои, за жал, имаме неколку проблематични типови критика:

Работничка критика, која е дело на трудот на работниците во издавачкиот сектор, кои често знаат и во свое лично име да пласираат полу или целосно професионални (задолжително!) афирмативни критики, чија цел е промоција на книгите што ги уредуваат, преведуваат, издаваат;

Пријателска критика во која „кој се сака, тој се фали“, а во суштина надолго и нашироко си се лаже еден со друг;

Лукративна критика или „на ти го – дај ми го критика“, чија цел е враќање услуга или однапред плаќање за некоја идна услуга што треба да биде побарана;

Тука е и хејтерската критика која може на големо да се сретне во книжевните групи на Фејсбук, наменета да навреди, да омаловажи, исмее или да наполни нечие его. Бидејќи сум излезена речиси од сите такви групи, морам да кажам дека ова ми е постар впечаток и дека не сум баш во тек. Ама, оваа критика ја имаме и во усна форма, каде преку маркетиншкиот метод „од уста на уста“ неаргументирано се хејтаат дела на одредени автори (а целта, во суштина, е да се хејтаат самите автори).

Посебен тип критички текстови, кои сакам особено да ги акцентирам, се рецензиите за Министерството за култура, кои не треба да заборавиме дека мора да имаат вреднувачки карактер, затоа што во суштина тие се препорака за печатење на дела од национален интерес, а кои се штанцаат врз основа на сите горенаведени односи или интереси, затоа што, нели, и онака „никој не ги чита“ (што и да значи и да не значи тоа). Па така, отпосле, можеме да се изненадиме кога на задната корица на целосно безвредно дело ќе видиме потпишан некој академик, доктор на науки и сл.

Зошто сме дојдени на ова дереџе? Причините се многу, од капиталистичкиот поглед на сопствениците на медиумите и нивната кусогледост во поглед на „исплатливоста“ да се има редакција за култура, а камоли посебни новинари кои би се занимавале само со книжевност и книжевна критика (тоа кај нас веќе изгледа како НФ), до системската незаинтересираност на институциите кои уште ја немаат воочено и утврдено оваа состојба како алармантна, а не пак да изградат стратегија и да почнат да преземаат конкретни чекори за заживување на новинарската критика во Македонија.“

Целиот текст прочитајте го на Блен.мк

Фото: Архива / Од акцијата „Размена на книги“ во Битола

Сподели