На конференцијата учествуваа 117 научници од 29 држави, претставувајќи универзитети од речиси сите континенти
Првата европска конференција во 100-годишната традиција на географијата во Македонија и на Балканот се одржа минатиот викенд на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Конференцијата „Еурогео 2025“ под наслов „Хуманизирајќи ја географијата: Луѓе, места и простор во глобален свет“ ја организираше Европската асоцијација на географи во соработка со УКИМ, ПМФ, Институтот за географија, Македонското географско друштво и „Геобалканика“. Учествуваа 117 научници од 29 држави, претставувајќи универзитети од речиси сите континенти. Со свои усни и постер-презентации се претставија и повеќето професори и асистенти од Институтот за географија.

Организацијата на конференцијата беше координирана од две организациски тела: Научен одбор, предводен од проф. д-р Свемир Горин и Организациски одбор, предводен од проф. д-р Благоја Маркоски.
– Во знак на благодарност за успешната организација на конференција и можноста да ги претстави дел од своите изданија пред учесниците, издавачката куќа „Спрингер“ на Библиотеката на Институтот за географија и донира 17 книги – велат тие.

На конференцијата поздравни обрачања имаа проф. д-р Рафаел де Мигел Гонзалес, претседател на Еурогео, проф. д-р Лазо Пендовски, проректор на УКИМ, проф. д-р Даворин Трпески, декан на ПМФ и проф. д-р Свемир Горин, претседател на Научниот комитет и професор на Институтот за географија. На дводневната конференција се одржаа две пленарни излагања, 71 усна презентација во 15 тематски сесии, 26 постери, шест работилници, две панел-сесии и една теренска настава во кањонот Матка.
– Теренската екскурзија на 18 мај беше реализирана во кањонот Матка, каде беа презентирани природните вредности и геоморфолошките карактеристики на просторот. Со реализацијата на теренската екскурзија, сите конференциски активности беа успешно завршени – велат организаторите.

Пленарни говорници беа проф. д-р Иван Радевски (Институт за географија при ПМФ) со трудот „The Abrupt Descent of Great Prespa Lake – Natural Causes or Shared Responsibility“ и проф. д-р Мартин Хануш (Charles University, IGU CGE) со трудот „Developing Students‘ Geographical Thinking Through Maps“. Сесиите опфатија цела палета на географски дисциплини – од урбана географија, миграции и туризам, до напредни геопросторни технологии, образовни практики, водни екосистеми и заштита на животната средина. Научниот дел од настанот заврши со церемонија на која со кратки завршни говори се обратија професорите Гонзалес, Горин и Маркоски, Harry Rogge, Luc Zwartjes и Daniela Schmeinck, претставници од Еурогео.
Во организацијата на конференцијата придонеле и младите географи, асистентите м-р Арсе Кузманоски, м-р Емилија Маневска, м-р Анита Тодорова, лаборант и географот-демонстратор Филип Наумовски.
Фото: Институт за географија





