„Просторност и темпоралност“, прва заедничка изложба на Миљовска, Поцеска и Чаповска

„Просторност и темпоралност“ (Spatiality and Temporality) е насловот на изложбата на уметничките Татјана Миљовска, Валентина Поцеска и Виолета Чаповска што ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Изложбата ќе ја отвори д-р Сузана Милевска, кураторка и теоретичарка на визуелна култура. Ова е прва соработка меѓу трите еминентни уметнички.

Во фокусот на нивната изложба се истражувањата на заемните реципрочни врски меѓу категориите просторност и темпоралност и начините на кои тие категории се манифестираат во нивните уметнички практики и специфични визуелни јазици.

– Не станува збор за некое мистично или метафизичко обмислување на комплексната категорија време-простор – категорија што ни е најмногу позната од физиката и философијата. Делата вклучени во оваа изложба пристапуваат кон просторноста и темпоралноста со специфични уметнички методи на истражување и укажуваат на нивната релевантна примена во студиите на меморијата, субјективноста, емотивното и интелектуалното позиционирање и, најважно, нивната релевантност за индивидуалните естетички транспозиции на индивидуалните ликовни поетики на секоја од авторките. Самите дела се концептуализирани поединечно и се изведени во различни уметнички медиуми, како што се просторните инсталации и интервенции (Миљовска), сликарството и колажот (Поцеска), и видео-перформансот (Чаповска) – вели Милевска.

Миљовска поставува неколку просторно-специфични инсталации и интервенции коишто се дел од нејзиниот долгорочен проект насловен Ткивo (2024/25). Инсталацијата на цртежи Ткиво 1 и инсталацијата и интервенцијата во простор Ткиво 2 се составени од акрилни цртежи на хартија поврзани во облик на различни вертикални структури што висат во просторот на Чифте амам. Со серијата колажи инсталации, Миљовска ја потенцира светлината – суштинскиот елемент што ги обединува феномените на просторност и темпоралност. Со тоа авторката неминовно го вклучува и феноменот на рефлексија – како во оптичка така и во метафоричка смисла.

Поцеска ја изложува серијата колажни слики Писмо (2024). Поцеска користи различни материјали и различни техники колажирани на платно. Почетната инспирација за Писмо бил ѕидниот колаж, поточно архивата составена од фрагменти од личната историја коишто авторката ги залепила на ѕидовите од своето ателје во периодот на изолацијата поради пандемијата со Ковид-19. Писмо претставува извесен пресврт во уметничката практика на авторката. Нејзините интереси се придвижуваат од боја и форма кон нарација, или според зборовите на авторката „од боја кон белина, од запад кон исток и од експресија на надворешни импулси кон интимното“.

Во видео-перформансите Сена и Сикуена (2022), Чаповска ги продолжува истражувањата на водните пејзажи, во контекст на историските и архитектонските промени на околината. Делата се резултат на престојот на авторката во меѓународната резиденција Cité Internationale des arts во Париз (2022), кога авторката имала можност да ги истражува кејот Бурбон (Quai de Bourbon) на париското островце Сен-Луј (Île Saint-Louis) на реката Сена и предградието Сикуена. Историјата на просторот – пред неговата урбанизација во 14 век – била основната инспирација за авторката при создавањето на двете видеа. Така, снимениот перформанс Сикуена бил фокусиран на собирање на историски траги со што авторката ги преиспитува остатоците на долгогодишната редуцирана психо-географија на жените и вкоренетите стереотипни родови метафори за чистење и перење типични за ова предградие на Париз.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Сподели