Детскиот културен центар „Карпош“ го најавува второто издание од фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади, кој ќе се одржи од денеска до четврток на сцената во киното „Фросина“ при МКЦ во Скопје. Овој настан, поддржан од Град Скопје, ќе претстави живи изведби на омилените приказни, нудејќи возбудлива можност за публиката од сите возрасти да ја доживеат магијата на мјузиклот.
Фестивалот ќе започне со „Аладин и волшебната ламба“ денеска во 18 часот, ќе биде изведен на македонски јазик од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјузикли „Бродвеј јуниор“ од Скопје под раководство на Наташа Јанкова, која е прва во државата која го промовира мјузиклот како сплет од уметности и со голема љубов, страст и ентузијазам им го пренесува на младите генерации.
Возбудата продолжува на 5 јуни во Кино „Фросина“, со изведбата на „Убавицата и ѕверот“ од талентираните ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје.
– Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените дизниеви филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан,“ изјави директорката на ДКЦ Карпош д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Соработник на фестивалот е Здружението за инклузивно и неформално образование „Крео – Аксис“ од Скопје.





