Прошетка низ изложбата „На чија страна си?…“ во Националната опера и балет

Во Националната опера и балет денеска во 13 часот ќе биде организирана прошетка низ меѓународната изложба „На чија страна си?: За неврзаната деколонијална констелација“. Водачи на турата се Бојана Јанева од иницијативата „Најново нормално“ и Ивана Васева, ко-кураторка на изложбата. Прошеткaтa ќе започнe пред билетарницата на Националната опера и балет и е наменета за сите заинтересирани, без претходно пријавување. Изложбата е отворена секој ден од 10 до 18 часот до 12 декември, а влезот е од билетарницата на НОБ. Дизајн на изложбата е на Ивана Васева и Филип Јовановски во соработка со Димитар Милев, Тамара Џерков, Сандра Николовска

На изложбата учествуваат: Дан Акостиоаеј | Архивски материјали од Неврзаното движење | Ѓорѓе Балмазовиќ | Ѓуверовиќ (таа/ неа) | Емилија Епштајн, Ана Кнежевиќ, Музеј на африканска уметност, Белград | Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков | Синиша Илиќ | „Картографија на меѓународните соработки во културата на СФР Југославија со земјите во развој“ (Теја Мерхар) | КУРС | Лабораторија на неврзаната уметничка колекција (Марина Челебиќ, Анита Чулафиќ, Нада Баковиќ и Наталија Вујошевиќ), Подгорица | Борко Лазески | Музеј на солидарноста Салвадор Аљенде, Сантиаго | Даринка Поп Митиќ | Дубравка Секулиќ | Ивана Сиџимовска | Хјун Сук Сео | Светска галерија на карикатури, Скопје | Мила Турајлиќ.

Изложбата „На чија страна си?: За неврзаната деколонијална констелација“ нашироко зборува за присуството на антиколонијални идеи и акции во неврзаната Југославија во самите процеси на деколонизација и како тоа наследство и знаење за (анти)колонијализмот и антиколонијалната солидарност е занемарено, па дури и избришано од денешното сеќавање. Понатаму, преку вклучените уметнички дела и јавна програма, сака да создаде енергичен и имагинативен простор за шпекулации за тоа какви би биле новите антиколонијални и антиимперијалистички неврзани, политички и уметнички, и како тоа би поставило поинаква перспектива за иднината. Соработници на изложбата: Денис Сарагиновски, Ненад Тонкин, Борис Василески, Мартина Петреска
Графички дизајн: Кома дизајн студио, користени се оригинални илустрации и фоткографии на насловната страна на Ѓорѓе Симиќ за книгата „Колонии некогаш и сега“ од Вера Николова, издадена од РАД, Белград, 1954 година.

Иницијативата „Најново нормално“ е посветена на сите заинтересирани кои имаат потреба од нова викенд алтернатива. Прошетката е предводена од Бојана Јанева која преку своето долгогодишно искуство како историчарка на уметноста се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани кои сакаат да искусат еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички пракси. Оваа прошетка ќе ги втурне посетителите во едно необично искуство кое ќе им овозможи одново запознавање со градот Скопје и причините поради кои вреди повторно да му се навратиме со љубопитност, наместо со носталгија.

 

Сподели