Канцеларија за ментално здравје ќе им помага на младите да се справуваат со депресија и анксиозност

Едно од седум деца на возраст до 15 години пројавува ментално нарушување, велат податоците на СЗО

Канцеларија за ментално здравје ќе биде отворена денеска во 10 часот на Филозофскиот факултет во Скопје. Модератор на настанот ќе биде проф. д-р Софија Георгиевска, раководителка на Центарот за менаџмент на човечки ресурси при Филозофскиот факултет, а присутните ќе ги поздрават деканот, проф. д-р Ратко Дуев и проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, првата дама на Македонија. Свои обраќања ќе имаат проф. д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, претседателка на Комората на психолози на Македонија, Вања Лазаридис од Интернационалната организација за миграција, Викторија Постоловска, студентски правобранител и Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци на Македонија.

Според Георгиевска, во сегашната состојба на глобална здравствена криза како резултат на ковид-19, особено во земјите со ниски и средни приходи како нашата, младите лица се соочуваат со значителни ризици, вклучувајќи здравствени, економски, како и социјални ризици.

– Ја увидовме потребата за вклучување на алумни од Филозофски факултет (психолози, социјални работници, педагози, семејни работници, социолози, специјални едукатори и рехабилитатори) и студенти од завршните години да се вклучат во пружање на бесплатна поддршка по периодот на кризата со ковид-19. Младите лица, а особено средношколците и студентите мора да бидат охрабрени за да ги надминат своите стравови и да се вратат на вистинскиот пат. Покрај тешкотиите да се прилагодат на новата реалност, голем дел од младите го почувствуваа притисокот од носењето маски, загубата на некој близок, лошата економска состојба поради загуба на работни места, социјалната изолација и слично – објаснува таа.

Има Национална стратегија, но не е спроведена

Македонија има Национална стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025, во која е опфатена и грижата за менталното здравје на младите.
– Но, значаен дел од препораките во Стратегијата не се спроведени. Единствено е започната специјализацијата на Универзитетската клиника за психијатрија за детска и адолесцентна психијатрија. Во однос на достапни сервиси за ментално здравје за деца и млади, постои значителен тренд на намалување во изминатите 10 години и не постои план за нивен развој. Оваа возрасна група не е воопшто, или е многу малку опфатена во системот за психосоцијална рехабилитација во заедницата – вели Георигиевска.

Проф. д-р Софија Георгиевска

Според Законот за средно образование, психологот во училиштата е должен да води советување со родителите во ситуации кога:

• ученикот во текот на наставната година има негативна оценка по три или повеќе предмети;
• ученикот има направено повеќе од десет неоправдани или 100 оправдани изостаноци;
• ученикот е недисциплиниран;
• ученикот го навреди наставникот;
• ученикот учествува во тепачки или други форми на насилство;
• ученикот покажува асоцијално или антисоцијално однесување;
• ученикот се однесува неморално или неетички;
• во краток период на ученикот значително му опадне успехот.

Во согласност со ставовите на Бирото за развој на образованието на Македонија, во делот каде е наведен принципот за физичка безбедност и здравје, под последната точка пишува „Можност за сите ученици во тек на редовната настава да стекнат вештини и сознанија за тоа како да го чуваат и унапредуваат здравјето, како да се справуваат со стресот и како со ненасилни методи да разрешуваат конфликтни ситуации“.

Фото: Freepik

– Бидејќи овој документ е официјален акт кој е дел од формалната едукација и стратегиите кои се градат во однос на овој општествен сектор, од особена важност е да се потцрта издигнувањето, нотирањето и актуелизирањето на постоењето на тензии и конфликти кај оваа популација, а сите истражување покажуваат дека едукацијата во рамки на менталното здравје го овозможува истото – вели Георгиевска.

Многу деца и млади се борат во тишина

Таа додава дека менталното здравје е во основата на човечката способност да размислува, чувствува, учи, работи, гради значајни односи и придонесува за заедницата. Тоа е суштински дел од индивидуалното здравје и основа за здрави заедници и народи. Физичките, емоционалните и социјалните промени во периодот на младоста, заедно со различни генетски фактори и фактори од средината може да придонесат до развој на различни проблеми со менталното здравје кај младите.

– Како и физичкото здравје, менталното здравје не е само отсуство на болест или нарушување, тоа ја вклучува емоционалната, психолошката и социјалната благосостојба. Дополнително значи и успешно справување со различни стресни ситуации, способност за градење врски, прилагодување на промени, реализирање на сопствен потенцијал, задоволување на свои потреби, придонес во социјалниот свет и развој на вештини за најразлични животни ситуации. На менталното здравје влијаат различни фактори – вели таа.

Фото: Freepik

Според Светската здравствена организиација, на глобално ниво, едно од седум деца на возраст до 15 години пројавува ментално нарушување. Депресијата, анксиозноста и пореметувањата во однесувањето се најчести проблеми кај младите. Хиперактивноста и проблеми со вниманието се исто така дел од проблемите со кои се соочуваат младите. Се проценува дека три четвртини од проблемите со менталното здравје се појавуваат пред 25-тата година. Секој четврти човек се соочува со проблеми со менталното здравје во некој период од животот.

– Овие податоци укажуваат на потребата уште од најрани години да се посвети внимание на менталната добросостојба на младите. Сепак, многу деца и млади се борат во тишина, со чувство на неразбраност, стигма и недостаток на сеопфатна иницијатива која го промовира и штити менталното здравје. Дури и во развиените земји, постои период од повеќе години на одложување на третман од почеток на симптоми, а се претпоставува дека само околу 20 отсто од младите го добиваат соодветниот третман навремено – вели Георгиевска.

Насловна фотографија: Freepik

Сподели