Промоција на „Волшебното патување на Простор и Време“ на Мирко Трајановски и Кристијан Јованоски

Сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ на авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски ќе биде промовирана денеска на пладне во Кинотеката. „Волшебното патување на Простор и Време“ е прва книга на издавачката куќа „Софија“ – Богданци во нејзината едиција „Џагор“ специјализирана за уметничка сликовница за деца. Сликовницата е добитник на третата награда за најдобро ликовно-графичко уредување според Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на годинашниот Саем на книгата.

За книгата ќе говорат Весна Мојсова Чепишевска – универзитетски професор и книжевник и Сребра Ѓорѓијевска, новинар.

– Виножитото е порака, шаренилото е смисла, зеленилото е перспектива. Ова се и ликовните обмислувања на самата приказна како текст. Така што тоа виножито е и волшебната градина во која се читаат/раскажуваат и слушаат најубавите и највозбудливите приказни, но и небото полно со ѕвезди, па и целиот космос, сиот простор и време потребно да (се) порасне едно дете. Емоциите излегуваат не само од просторот и времето во илустрациите, туку и од експресијата на сите детски ликови. Така, Кристијан Јованоски успева да ги покаже и радоста кога децата ги слушаат приказните, и тагата кога сфаќаат дека нема повеќе да слушаат приказни, но и зачуденост, вознемиреноста и стравот дека ако во најскоро време не научат да читаат, тогаш ќе останат без своите омилени приказни – пишува проф. д-р Мојсова Чепишевска.

Сподели