Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на првата збирка теориски есеи „Суспендирана итност. Есеи од крајот на времето“ од Ивана Хаџиевска. Разговорот со авторката ќе го модерира преведувачката и истражувачка Андријана Папиќ-Манчева, а низ него ќе допрат до клучните теми кои ја сочинуваат богатата содржина на оваа збирка есеи. Утревечер во 19 часот, во Социјалниот центар „Дуња“ е закажан читачки кружок. Низ отворен разговор со авторката, присутните ќе имаат можност подробно да поразговараат за есеите, да споделат импресии од прочитаното и заеднички да ги толкуваат во поширок контекст.
„Суспендирана итност“ е збирка есеи со кои се отвора едицијата „Современа теорија“ на издавачката куќа „Илика“. Хаџиевска есеите ги пишувала и ги објавила од 2014 до 2024 година. Тие се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија. Авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Во својата рецензија за збирката, Здравко Савески пишува: „Хаџиевска посочува на очајното ниво на македонската и балканската историографија и политика на сеќавање, при што, наместо повеќе да се работи на разбирањето на националните митови, се наметнуваат поими за „историска вистина“. (…) Хаџиевска ја има таа интелектуална храброст, толку малку почитувана, а толку многу важна.“





