Под раководство на наставничката Анамарија Митриќеска-Кал’чева, муралот го работеле околу три месеци, за време на часовите по проекти по ликовно образование, слободни изборни предмети, воннаставни активности, и самоиницијативно во слободно време
Со претставување на муралот изработен на надворешниот ѕид на спортското игралиште, учениците од основното училиште „Ристо Шуклев“ во селото Негорци ја завршија учебната година. Идејата потекнала лани, а ја предложиле родителите на Советот на родители, директорката ја прифатила и почнала реализацијата на големиот проект. Концептот е дело на наставничката по ликовно Анамарија Митриќеска-Кал’чева која и досега реализирала инвентивни проекти со учениците. Мириќеска-Кал’чева веќе има искуство со покомплексни ангажмани и знаела дека нема да биде проблем да го изработат, иако се работи за специфичен и долгнавест ѕид од 60 метри квадратни (30 метри должина и 2 метра во висина).

Анамарија Митриќеска-Кал’чева со учениците
– Лани за летниот распуст го осмислив концептот и ја направив главната скица. Во ноември конкуриравме во општината, која го одобри и делумно го финансираше проектот. Останатиот дел го надополни училиштето. Бидејќи е надворешен мурал моравме да чекаме да се стабилизираат временските услови за да почнеме. Прво мислев да биде само обоен, но бидејќи годинава правевме и мозаици, децата веќе ја имаа научено техниката и размислував за опцијата целиот ѕид да биде од мозаик. Разговарав со другарка ми, која има изработено доста мозаици, па со оглед на големината, времето, условите и деталите ќе ни требаше навистина долго време. Најпогодно беше мешана техника, а воедно и се создаде нешто ново за око и интересно – раскажува Мириќеска-Кал’чева.

Замислата ù била до израз да дојде детската чистина, но да биде прифатлив и за публика од секоја возраст. Муралот го работеле околу три месеци, за време на часовите по проекти по ликовно образование, слободни изборни предмети, воннаставни активности, и самоиницијативно во слободно време.

На мозаикот работеле учениците: Мартин Ристов, Марјан Марков, Ристе Петров, Никола Карагонов, Ален Ибрахимович, Танче Туртуров, Јован Станчев, Илија Кованцалиев, Давид Петров, Тоше Проданов, Тодор Лазаров, Симона Ташкова, Снежана Стојевска, Жанета Трајкова, Елена Бучкова, Софија Стојевска, Златка Георгиева, Душица Трајкова, Николија Мурџева, Анастасија Стамкова, Илина Боболкова, Мила Маркова и Стефани Поп-Ѓорѓиева. На крајот за фугирањето, чистењето и полирањето помогнале учениците Калин Узинов, Илија Петрески и Павел Самарџиев.

– Јас го направив главниот концепт, а внатрешните илустративни делови и боењето се дело на децата. Се разбира, им помагав за одредени делови и давав сугестии. Муралот е делумно инспириран од романот „Бескрајна приказна“ и претставува девојче кое се наоѓа во вселената, седи на земјината топка и чита книга, а околу неа има замислени имагинарни светови кои потекнуваат од нејзината фантазија. Слично како во романот каде принцезата на детето му го дава последното зрнце од замокот од слонова коска, за тој да може да изгради нов убав свет од сопствената детска фантазија – раскажува Мириќеска-Кал’чева.
Од едната страна во далечината има кит што си игра со планетите, а од другата страна, змеј. Кога им ја објаснила идејата на учениците им го дала примерот со круговите – сè останато сами направиле, нацртале, обоиле. Неколку цртежи се најдени на интернет без боја, но бидејќи многу им се допаднале ги инкорпорирале во целината.

– Две скици се нацртани од ученик од 6. одделение, Ангел Проев, а останатите од девојчињата. За целата одлично организирана тимска работа и меѓусебно разбирање, децата навистина заслужуваат едно огромно браво од сите – вели наставничката.
Проектот не би било можен без поддршката од директорката Елена Крстевска, целиот колектив и техничкиот персонал за разбирањето и поддршката за време на изведбата, но и од домаќинот во училиштето, Трајче Николов кој им помогнал во подготовката на ѕидот и им се наоѓал за сè што е потребно. Во изведбата им помогнал сопругот на наставничката, Иван Кал’чев кој и самиот е графички дизајнер и колешките-уметници, Блашка Миева, Мила Ивановска и Ана Трпчевска, експертки за мозаик кои ил дале огромен поддршка.
Мириќеска-Кал’чева неколкупати јавно зборува за проблемот со малкуте часови по ликовно во основното образование.

– Не знам како „погласно“ да покажам со постапки, дека Ликовно образование е потребен предмет и придонесува многу за развојот на децата, не само како слободна активност туку и како редовен предмет. Со еден час неделно децата немаат време вода да наполнат и да се наместат во клупите, не пак да научат уметност, култура, да направат квалитетни изработки и да се продлабочат техники. Ликовно образование е важно за целокупниот развој на децата посебно на емотивниот и менталниот план. Ослободува од секојдневните активности, преку што лесно се влегува во сопствениот убав свет каде самиот имаш можност да креираш и да осознаваш техники со кои си и воедно физички активен. Во тие моменти дури и без да знаеме се буди најдрагоценото во нас – вели Мириќеска-Кал’чева.
Таа додава дека во светот креативноста и иновативноста се доста побарувани, па дури од бизнис-аспект, тие се основната алатка, која најмногу се развива во ликовно и сите видови на уметности.

– Уметноста е основата за културата и развојот на естетскиот дух во човекот. Колку повеќе си опкружен со убавина и култура, толку повеќе и ја разбираш вредноста на убавото, и го гледаш светот од поразлична перспектива – тоа е и растење на духот. Не станува збор само за ликовно образование, мислам на уметноста во целост. Секаде во светот на уметностите им е даден голем акцент токму поради овие причини – вели Мириќеска-Кал’чева.
Ова е еден од поголемите проекти реализирани во нивното училиште. Според Мириќеска-Кал’чева, времето требало добро да се организира и координира, зашто со условите и финансиите вакви големи проекти во нашиот образовен систем скоро и да нема.

– А воннаставните активности треба да бидат платени, ако сакаме да се прават посериозни и посуштински работи. Сериозноста со која пристапувам на проектите е токму поради тоа, да се разбере важноста на културата, професионалноста и естетиката за да им дадеме на децата и младите мотивација за самите да градат иднина заснована на позитивни искуства и развиен естетски дух – вели Мириќеска-Кал’чева.






