Промоција на „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски

„Со една четка два зајака“ е насловот на поетската книга од Владимир Мартиновски што ќе биде промовирана на 11 февруари (среда) во 20 часот во книжарницата Литература.мк во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје. Промотор ќе биде Иван Џепароски.

Книгата е целосно оформена во духот на нашето време – претставува успешно поетско понирање во светот и во животот на животните претставени на еден игрив и необичен начин.

– Биоетичкиот и екопоетичкиот строеж на песните не носи во себеси само една филозофска или етичка насоченост, односно една едукативна или културолошка функција туку, пред сè, песните од оваа книга претставуваат успешни поетски творби исполнети со длабоко доживеани чувства за единството на природата и животинскиот свет со светот на човекот, односно со светот на поетот. Мартиновски е поет со едната нога во македонската книжевна традиција, а со другата во глобалните книжевни процеси: неговата поезија е сериозен уметнички и поетички експеримент, со висока самосвест – велат издавачите.

Сподели