Два концерта ќе одржи Институтот „Фејмс“ во текот на месецов. Првиот е закажан за утревечер во 20 часот во малата сала на Македонската филхармонија со Даниел Роуланд – реномираниот виолинист од Холандија, актуелен професор на Кралскиот музички колеџ во Лондон и основач на меѓународниот музички фестивал „Штифт“.
– Тој ќе отсвири селекција на класични дела со неверојатна емотивна длабочина, минималистички структури и оркестарска сложеност, ретко изведувани како заокружена целина во ваков едукативно-концертен контекст – велат организаторите.
На програмата се дела од Филип Глас, Петерис Васкс и од Рихард Штраус.
Следниот концерт закажан за 17 февруари во 22 часот е со дуото Тимоти Редмонд и Даглас Маринер, диригент-тапанарски хибрид кој спојува класика и џез. Тие ќе изведат селекција од најпознатите дела од џез, блуз, па дури и поп/диско сфери, до дела од Дјук Елингтон, Чарли Паркер и Стенли Гетц. Редмонд е професор на Ѓилдхолската школа за музика и драма, и диригент на Кралската филхармониска оркестар. Даглас Маринер е џез тапанар од Њујорк со оригинално класична позадина.
Институтот „Фејмс“ (FAME’S Institute) е меѓународна, независна едукативна платформа за класична и современа музика, која четири години создава меѓународна колаборација помеѓу млади професионални музичари и врвни светски уметници, диригенти, педагози и институции. Основан во Скопје, препознаен регионален центар за музичка извонредност, каде образованието, уметноста и сценската пракса се спојуваат во автентично професионално искуство. Двете концертни вечери се кулминација на нивните меѓународни оркестарски курсеви, создадени низ интензивна повеќе-дневна работа, креативна размена и директна сценска практика.





