„Ловци на лажни вести од зграда 39“ – роман за тинејџери од Огнен Неделковски

„Ловци на лажни вести од зграда 39“ е новиот роман за тинејџери од писателот Огнен Неделковски чија промоција викендов се одржа на зелениот покрив на Градскиот трговски центар во Скопје. Книгата влезе во печат откако во февруари годинава Детскиот културен центар „Карпош“ распиша конкурс за оригиналнo прoзно дело за тинејџерска возраст во жанрот на роман. Во насоките на конкурсот било потенцирано дека „особено внимание ќе биде посветено на дела што се забавни, достеливи, поучни, поттикнуваат креативност и критичко размислување.“

– Се одлучив за една релативно нова и мошне актуелна тема: медиумската писменост. И така, го создадов романот за тинејџери со наслов „Ловци на лажни вести од зграда 39“. На 84 страници раскажав многу приказни, настани, судбини… – вели Неделковски.

Жирито предводено од Александар Прокопиев одлучило да го поддржи токму ова дело. Приказната во „Ловци на лажни вести од зграда 39“ се врти околу една зграда во едно наше маало, каде тројца тинејџери (Дени, Вале и Сашко) демаскираат лажни вести. Се судираат со маалските креирачи на лажни вести од разни генерации и низ сопствената проверка на факти, се обидуваат (и најчесто успеваат) да откријат што е вистина во сето тоа, а што е само плод на маалските озборувања.

– Ако постои интерес кај издавачите и кај читателите, во план ми е да напишам цела серија романи (со различни заплети) со моите тројца ловци на лажни вести. Се надевам и дека ова дело ќе биде интересно и во други земји и дека ќе биде преведено на повеќе странски јазици – вели Неделковски.

Сподели