Промоција на „Приказни за деца и животни“, баснарка-боенка од Тихомир Јанчовски

„Приказни за деца и животни“ е првата книга за деца, баснарка-боенка од Тихомир Јанчовски која денеска во 18 часот ќе биде промовирана во Салон 19.19 во Културно-информативниот центар во Скопје. Книгата содржи 14 басни со илустрации. Книгата ќе ја претстави Јулијана Величковска, а делови од неа ќе читаат Тихомир Јанчовски и Горазд Китановски.

Во книгата ликовите главно се урбани животинки што се наоѓаат пред разни искушенија и дилеми кои ги решаваат на детски наивен и љубовен начин. Во книгата ќе ги најдете бувот Џуши, крокодилот Кроко, Дино Сајрус, јазовецот Бранко, мрзливецот Ано, две деца што станале китови, кучето Флопи и други протагонисти.

Јанчовски е поет, професор, преведувач. Роден e во 1967 година, во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на УКИМ (1991), специјализирал средновековни студии во Унгарија (1996), магистрирал современа историја во Скопје (2008). Досега му се објавени 14 книги поезија, два романа и една книга колумни. Неговите дела се преведувани на 15 јазици.

Сподели