Промоцијата на новата книга „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски ќе се одржи вечерва во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промотори на делото, кое е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат Влада Урошевиќ , кој го напиша пoговорот на книгата, и уредничката – Оливера Ќорвезироска.
„Околу три по полноќ“, која е прва публикација на Дурацовски по пауза од една деценија, е уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен примерок и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата освои второ место во категоријата за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни.
„Околу три по полноќ“ е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè – раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност.





