Во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе се додржи промоција на збирката раскази „Наназад“ од Стефан Алијевиќ. Книгата е издание на „Илика“. Промоторки на книгата се Румена Бужаровска и Јана Медиќ.
Прозата на Алијевиќ се поигрува со границите на автофиктивното и фиктивното писмо. Се движи низ состојбите на сонот и реалноста, сеќавањето и заборавот, интимното и политичкото. Неговите раскази се повеќеслојни, хибридни и во жанровска и во значенска смисла, и можат да се разгледуваат низ повеќе призми, меѓу нив и ангажираните квир, еколошки и феминистички перспективи, но во ниту една не можеме да кажеме дека овој автор целосно припаѓа.
Петар Андоновски за книгата пишува:
– Кај Алијевиќ ништо не е под тепих, сè е на површина и сè е видливо. Расказите од „Наназад“ се рибина коска во грлото на општеството. Оваа збирка раскази служи како книжевен документ, запис од едно бурно време на лични и колективни промени. Книгава нè носи назад во времето, нурнува низ авторовото детство, но не застанува таму, туку постојано трага по излезот кон подобра иднина – вели Андоновски.
Стефан Алијевиќ (Гевгелија, 1991) завршил студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите по Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Во 2022 година ја објавува својата прва книга раскази, „Вечерен автобус“, за која во 2023 ја добива регионалната награда „Штефица Цвек“ за најдобра ангажирана феминистичка и квир книжевност. Раскази од Стефан се објавени во повеќе книжевни списанија, антологии и книги во земјава. Алијевиќ е преведуван на хрватски, српски и на албански јазик.





