Во Домот на културата „Иљо Антески-Смок“ во Тетово утревечер во 18 часот ќе се одржи свечена академија со која ќе бидат одбележани 100 години од формирањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“. Поздравни обраќања ќе имаат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Зоран Читкушев и претседателот на „Љуботен“, Јован Божиновски. Во рамките на свеченоста премиерно ќе биде прикажан документарен филм за „Љуботен“, ќе бидат прогласени почесни членови и ќе бидат доделени и плакети за трајни вредности и соработка. Воедно ќе биде отворена изложба на фотографии.

– Цел еден век зад нас стојат илјадници чекори, врвови, пријателства и спомени што нè поврзуваат. Сега е време сите заедно да се потсетиме на таа магија и да ја прославиме оваа неверојатна височина – 100 години „Љуботен“. Да се собереме сите што некогаш сме искачиле врв, споделиле патека или само сме ја почувствувале магијата на Шара. Да се потсетиме на нашите почетоци, на луѓето што го создадоа „Љуботен“ и да погледнеме кон иднината, кон новите врвови и нови генерации што ќе го продолжат духот на планинарството – велат од клубот.
Влезот е слободен за сите.





