Промоција на „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска

Книгата „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска ќе биде промовирана утревечер во 19 часот во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија. Промотори на изданието ќе бидат Соња Стојменска-Елзесер и Владимир Мартиновски, а изданието е на „Макавеј“.

Во својот осврт кон книгата, Соња Стојменска-Елзесер истакнува: „На врв од острицата“ е критичко-есеистичка книга во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на авторката во текот на повеќе од две децении. Она што ги обединува овие текстови е живиот, страстен и едуциран интерес на Спасовска за македонската литература и во тие рамки, доминантно за поезијата. Токму таквиот фокус ѝ придодава посебно значење на оваа книга, која со самиот наслов ја манифестира тенденцијата да биде валоризаторски аналитична, прецизна и јасна. Авторката загатнува низа значајни проблемски пунктови и преку анализите и коментарите првенствено придонесува за опфатно и квалитетно толкување на македонската современа поезија, како и на поопштите процеси и појави во македонската литература, но и на некои глобални културолошки феномени.

Сузана В. Спасовска е родена 1972 во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во моментот ја завршува својата докторска теза за поезијата и орфизмот. Објавила 7 стихозбирки – И љубов и заговор, 1996, Смртно писмо, 2002, Божествена жена, 2006, Низ темјанот еден лилјан, 2014, Пеперутка од пепел, 2018, која била во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2018, Јазикот на светлината, 2020 за која ја добила наградата „Антев златник“ на меѓународната манифестација „Антево перо“, 2019, како и најновата Кадуцеј и лира од 2022 година, која била во најтесен избор за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2002 во Софија излегол избор од нејзината поезија на бугарски јазик „Огледала, сбогом“. Во 2006 година ја приредила антологијата на поезија од млади македонски автори „Пурпурни извори“ во издание на Струшките вечери на поезијата. Во 2021 година излезе од печат самостојното издание на нејзината книга за македонскиот слободен стих Слободата на стихот, која претставува нејзина магистерска теза и која исто така беше во најтесен избор за наградата за критика „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија. Нејзини песни се преведувани на англиски, италијански, полски, украински, бугарски и други јазици. Главен уредник е на електронското списание за литература и други уметности „Блесок“. Од 2019 година е член на Друштвото на писателите на Македонија. Работи како професионален лектор и предавач по македонски јазик на Универзитетот Американ колеџ – Скопје. Пишува и објавува книжевнотеориски текстови за македонската литература. Оваа година излезе од печат нејзината книга критики На врв од острицата.

Сподели