Во градот каде што ги направи првите музички чекори, утревечер во 19 часот во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи промоцијата на монографијата посветена на маестро Кире Костов – трубач, композитор, аранжер и диригент чијшто звук остана дел од колективното паметење на Македонија. Монографијата претставува сведоштво за неговиот творечки опус – од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни кои станаа културно наследство. Таа е и омаж на еден живот исполнет со музика, посветеност и љубов кон уметноста.
Настанот ќе ја собере публиката, семејството, колегите и пријателите за да му оддадат почит на човекот кој ја носеше Битола и Македонија во својот опус.
„Кире Костов – лет на ноти и спомени“ е покана да се потсетиме дека големите уметници никогаш не заминуваат – тие остануваат во секој тон што и понатаму одекнува.





