Промоција на „Ковчеже со книжни бисери“ од Милован Стефановски

Во Градската библиотека „Браќа Милдиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Ковчеже со книжни бисери“ од писателот Милован Стефановски. Збирката содржи мудри мисли од сто современи македонски писатели или од вкупно триста книжевни дела. Книгата е издание на „Ад вербум“, а ќе ја претстават авторите Бранко Цветковски и Живко Андревски, а избор од бисерите ќе читаат актерите Андреј Серафимовски и Ива Милчова. За изданието, Мирослав Георгиевски-Миро изработи сто портрети на застапените автори.

– Основната идеја на книгата е на читателите да им се понуди екстракт од продуховената и чиста мисла забележана од перото на нашите мајстори на пишаниот збор. Не станува збор за антологија на мудри мисли од македонските автори, туку за субјективен избор направен од страна на нивни колега – вели Стефановски.

Најстариот застапен писател во книгата е Васил Иљовски (роден 1902 год.), а најмладиот е Давор Стојановски (1987 год.). Иако меѓу годините на раѓање на класикот на македонското драмско творештво и на талентираниот млад романсиер, има импозантен период од осум и пол децении, нивните животи во осум години се поклопуваат. Според поетот Михаил Ренџов, сите што живееле или живеат во исто време, независно од возраста, може да се каже дека се една генерација.
– Оттука и поднасловот на овој избор во кој одредницата современи може да асоцира и на една генерациска припадност во поширока смисла на зборот – вели Стефановски.

Милован Стефановски е роден 1952 година во Ресен. Поет, раскажувач, романсиер, литературен критичар, публицист, преведувач. Автор е на триесетина книги (првообјави, избори и преводи) и педесетгодишно перманентно присуство во македонската современа литература и култура. Работел како новинар во „Нова Македонија“, лектор по македонски јазик во Турција и Романија, главен и одговорен уредник на „Република, уредник во издавачката куќа „Табернакул“. Во еден мандат бил претседател на Друштвото на писатели на Македонија и директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Сподели