Предавање на Драган Даутовски за музичката култура како дел од националниот идентитет

„Музичката култура како дел од националниот идентитет“ е насловот на предавањето на нашиот исклучителен музичар и професор Драган Даутовски што ќе се одржи денеска во 18 часот на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тој ќе ги запознае присутните со неговата работа пошироко на полето на фолклорот, со која започнала големата ренесанса на изворната музика во Македонија.

Даутовски учествувал во голем број проекти, во изработката на музиката за филмот „Пред дождот“, а во 1995 година ја основал групата „Синтезис“, чија основна идеја била да го проучува македонскиот музичкифолклор и фолклорното богатство. Во 2000 година го формирал „Драган Даутовски Квартет“ во кој свири и настапува заедно со Александра Поповска (вокал, дајре и клавијатури), Бајса Арифовска (тамбура и кавал) и со неговиот син Ратко Даутовски (тапан, тарабука и други удирачки инструменти)

Како музиколошки експерт, свири на повеќе од 20 народни инструменти. Единствено Даутовски свири и на уникатната теракотна топчеста флејта – окарина, која датира од неолитскиот период и чија старост е проценета на над 6.000 години, а пронајдена е во 1989 година на археолошкиот локалитет „Мрамор“ до населбата Чашка во близината на Велес. Флејтата изворно има три тона што се добиваат од три отвора поставени во вид на триаголник. На неа Даутовски успеал да отсвири 16 тонови.

Драган Даутовски е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што предава народни инструменти, музички фолклор и изведувачка техника на орфов и народен инструментариум. Како педагог има остварено голем број настапи со студентите од неговата класа и иницијатор е за отворање на отсек за народни инструменти во средните музички училишта во Скопје и Штип и во основните музички ушилишта во Струмица, Штип, Прилеп, Кавадарци, каде што предаваат професори дипломирани во неговата класа.

Насловна фотографија: Википедија / Тиверополник — сопствено дело

Сподели