Промоција на „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ од Елена Пренџова

Во градината на покривот на Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на интерактивната збирка поезија за креативно читање и креативно пишување „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ од Елена Пренџова. Промотор на книгата е Владимир Мартиновски.

– Ова дело има ретко инвентивна и нестандардна структура. Првиот дел е авторска збирка „љубовна, интимистичка поезија“ наменета за „интимно, самотно читање“. Но, вториот дел од книгата на читателот му нуди упатства за можно (наглас) читање, изведување и толкување на песните, со што читател(к)ите суптилно се покануваат и се вклучуваат во една херменевтичка авантура, која има и инструктивна димензија, бидејќи од авторката се понудени и маркери за интерпретација на поетските текстови. Со третиот дел стихозбирката на Пренџова, која е високовреднувана во рамките на конкурсот за необјавена поетска книга „Антево перо“ за 2020 година (влегувајќи во најтесниот избор за наградата), прераснува во една мошне оригинална платформа за потенцијална поетска работилница – вели Мартиновски.

Венко Андоновски вели дека со овој поетски ракопис луцидната, талентирана, бистроумна Елена Пренџова влегува во зоната на најсовремените поетски искуства од експериментален тип, карактеристични за развиените светски книжевности.

– Концептот на оваа стихозбирка е изворен, генијален. Стихозбирката е пред своето време како поетски „план за градба“ на една современа стихозбирка, иако се потпира на поетски методологии кои им се познати на оние кои сериозно ја проучуваат поезијата. Но најголемата вредност на оваа чудна, експериментална стихозбирка не е во нејзината „структура на експериментален проект“, туку во силното класично поетско писмо – вели Андоновски.

Елена Пренџова е поетеса, слемерка и препејувачка. Таа е магистер по Филолошки науки и дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем и креативно пишување. Авторка е на десетина поетски книги, а има објавено и неколку преводи и препеви од англиски и српски јазик. Го соорганизира националниот слем-натпревар. Има добиено повеќе едномесечни писателски и преведувачки резиденции во Србија, Албанија, Естонија и Словенија, од Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД, од „Поетека Албанија“, Министерството за култура во Албанија и Традуки мрежата, како и од програмата за перформативни уметности i-Portunus и „Креативна Европа“. Оваа година оствари едномесечен резиденцијален престој во Рим, Италија, како стипендистка на платформата Culture Moves Europe за време на кој ја препејуваше збирката поезија „Париз XXI“ од Јакопо Мељо.

Сподели