Концерт на „Чалгија саунд систем“ во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 20 часот целовечерен концерт ќе одржи групата „Чалгија саунд систем“. Влезот за концертот е слободен. „Чалгија саунд систем“ постои од 2008 година и има цел да истражува низ оставината на македонската музика, да ги открие нејзините скриени тајни и звуци и да се вложи одржувајќи ја во добра форма македонската чалгија без да се изневери традицијата.
– Во таквото музицирање и растење „Чалгија саунд систем“ како да ја откри најважната тајна која ја носи во себе чалгијата – а таа е одлепувањето од индивидуализмот и залепувањето за заедничкото убаво и добро – велат организаторите.
Бендот првиот албум го објави во 2010 година со истоимениот албум во кој беа отсвирени и отпеани некои од најубавите македонски чалгиски песни. Созревајќи, во 2019 година, бендот го издаде својот втор албум именувајќи го „Тихувај“ како провокација за авторски поглед на нова чалгија во која беа вметнати современи звуци.
Летото 2023 година „Чалгија саунд систем“ направи омаж на еден од последните охридски трубадури – Климе Садило изведувајќи ги неговите незаборавни виолински делници без никакви додавки или преаранжирања положувајќи го тестот на строгата охридска публика.
Бендот ги пренесува звуците на чалгијата и низ светот одржувајќи концерти во Турција, Грција, Србија, како и на еден од најголемите фестивали на музика на светот во Рудлштад, Германија каде во 2022 година ја делеше сцената со најголемите ѕвезди на балканските и светските простори, што од жанрот ворлд музика, што од рокенрол фелата.

Сподели